X
 02.12.2018 Живот

Како Волт Дизни ѝ ја уништил кариерата на актерката што го позајми гласот за Снежана

Првиот долгометражен филм на Волт Дизни, „Снежана и седумте џуџиња“, му донесе и слава и пари без кои целата империја што денес ја поврзуваме со неговото име веројатно не би постоела. Иако многумина биле скептични за филмот, премиерата ги привлекла најзначајните имиња од Холивуд во тој период, а реакцијата на публиката била подобра отколку што некој можел да сонува. За жал, еден од најпознатите анимирани филмови на сите времиња, на главната актерка, која го позајмила гласот за Снежана, не само што не ѝ ги донел заслужената слава и богатство туку и ѝ ја уништил кариерата уште на самиот почеток. И тоа главно поради Волт Дизни.

Сè започнало на 21 декември 1937 година кога премиерата на „Снежана и седумте џуџиња“ ги собрала имињата што во тој период биле најпознати во Холивуд. Таму биле Кери Грант, Марлен Дитрих, Џуди Гарланд, Карол Ломбард, Џинџер Роџерс и многу други славни лица. Меѓу сите тие легенди една млада жена, без која филмот не би бил ист, поминала сосема незабележана. Нејзиното име е Адријана Каселоти. Таа имала само 19 години кога ја добила улогата на осамената и изгубена принцеза Снежана, и тоа сосема случајно. Нејзиниот татко бил учител по пеење кого Дизни го контактирал во потрага по соодветен женски глас, а младата Адријана го преколнувала татко си да ѝ даде шанса да си ја проба среќата на аудицијата. На крајот излегла како победничка. Нејзиниот глас го воодушевил музичкиот директор Френк Черчил, кој бил вчудовиден кога ја слушнал Адријана како ја пее познатата песна „Someday My Prince Will Come“ без музика во заднина. Иако по Адријана на аудицијата се појавиле уште 148 девојки, таа ја добила улогата на својот живот.


Адријана Каселоти
Фото: Noizz

Кога конечно почнало снимањето, младата актерка и пејачка своите песни ги снимила придружувана од клавир, а не од цел оркестар, и без присуство на други актери. Подоцна беше откриено дека Адријана не ни знаела дека станува збор за долгометражен филм. Таа добивала 20 долари дневно и во текот на снимањето на целиот филм заработила 970 долари.

Снимањето траело многу подолго отколку што било планирано и како што сите почнале да губат верба во неговиот успех, така Волт Дизни станувал сè поубеден дека ќе биде голем хит. На крајот дури и ја ставил својата куќа под хипотека за да ги покрие сите трошоци за тригодишното снимање, кое на крајот чинело околу милион и пол долари. Кога сè било подготвено и совршено, како што сакал Волт, дошло време за премиерата, на која младата Адријана не била ни поканета. Сепак, таа решила да се појави заедно со Хари Стоквел, кој го позајмил гласот за принцот.

- Девојката на влезот побара од нас да ги покажеме картите, а јас ѝ реков: „Јас сум Снежана, а тој е принцот“, на што девојката одговори: „Не ме интересира дури и да си вештерка, не влегуваш внатре без карта“. Така, почекавме девојката да погледне на друга страна и се вовлековме зад неа. Таа потрча по нас, но успеавме да побегнеме на балконот каде што не можеше да нè најде - раскажа Каселоти за еден магазин многу години подоцна.

Како тоа да не било доволно големо понижување, кога завршила проекцијата и кога на големото платно почнале да се нижат имињата на сите што учествувале во правењето на филмот, нејзиното име го немало, како ни имињата на другите глумци што ги оживеале познатите ликови. Тоа не било случајно затоа што Волт многу добро знаел што прави.

- Волт Дизни сметаше дека илузијата ќе биде уништена ако луѓето знаат кои се актерите што ги позајмуваат гласовите - откри Адријана.

Всушност, Дизни бил толку решен ништо да не ја уништи таа илузија, што токму поради тоа не ја повикал актерката на премиерата, а подоцна ѝ забранил и да се појави во радиоемисијата на Џек Бени, која во тоа време била најпопуларна во Америка. За да ја зачува Снежана само за тој негов филм, Дизни дал сè од себе за да го осуети секој нејзин обид да пронајде некоја нова улога и да продолжи со кариерата (која по сите правила, по толку успешен филм, требало да процвета) и доведувал до тоа никој да не сака или да не смее да соработува со Адријана. Актерката еднаш дури и го тужела Дизни за сето тоа, но изгубила.

„Снежана“ на крајот бил толкав хит, што Дизни од заработените пари купил земјиште од 50 ари во Бурбенк, каде што изградил голем комплекс за снимање кој се користи и денес. Меѓутоа, жената што ја оживеа Снежана падна во целосен заборав. На крајот добила работа кај Дизни, каде што учествувала во промотивните турнеи облечена како Снежана. Тоа траело додека не влегла во четириесеттите години од животот, кога децата почнале да забележуваат дека Снежана е „стара“. Никогаш не успеала да стане актерка како што сакала. Починала во 1997 година на 80-годишна возраст.


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот