X
 14.08.2017 Култура

Тито меѓу холивудските ѕвезди: Со кого се дружел првиот човек на СФРЈ?

Тито живеел раскошен живот, а Југославија не штедела ниту на филмското претставување. Филмовите „Неретва“ и „Сутјеска“ се најскапите продукции од ова време во Европа, со славни странски глумци, многу статисти и огромна воена опрема.

Доживотниот претседател на СФРЈ немал ништо против тоа во филмовите за непријателските офанзиви да глумат славни светски имиња, за тие со нивната спектакуларност уште повеќе да ги промовираат овие филмови.

Ричард Бартон и Елизабет Тејлор на Бриони



Снимањето на филмот „Сутјеска“ започнало во втората половина на 1971 година. Режисерот Вељко Булајиќ, кој претходно го режирал „Битката на Неретва“, се повлекол од проектот додека тој сè уште бил во фаза на подготовка и режијата му ја препуштил на својот помошник, Стипе Делиќ.

Продуцентот на „Сутјеска“, Никола Поповиќ, бил заслужен за доведувањето на Ричард Бартон, кому му била понудена улогата на врховниот командант Тито. Инаку, Бартон тогаш бил на врвот на славата.

Ричард Бартон со својата сопруга Елизабет Тејлор допатувал во Пула кон крајот на јули 1971 година. Тито ги примил на 1 август во неговата вила во Бриони, пред камерите и новинарите.

Од дневникот на Ричард Бартон


За тие денови и дружењето со Тито, Бартон пишувал и во својот дневник, објавен во 2012 година.

Во дневникот, Бартон го опишува Тито како изненадувачки мал и деликатен, со мали раце, нозе и глава, а поради благо затемнетите очила, не можел да ја одреди бојата на неговите очи.

Во еден момент, глумецот го запрашал Тито што мисли за Сталин. „Го ценев како политичар, но не ми се допаѓаше како човек“, бил одговорот на Тито.

Во кујна со Софија Лорен


Италијанската глумица со својот сопруг Карло Понти му била гостинка на Тито на островот Бриони во 1969 година. Таму поминале 15 дена, при што Софија Лорен и Тито сакале да се дружат во кујната.

Средбата на Тито со Кирк Даглас




Во 1965 година Кирк Даглас престојувал во Белград. За време на приемот во американската амбасада изразил желба да се запознае со Тито. Британскиот амбасадор, кој бил присутен таму, му рекол да не се надева бидејќи и тој чека одговор веќе шест недели за средба со претседателот на СФРЈ.

Но, Кирк Даглас се јавил во претседателскиот кабинет, па наредниот ден Тито испратил приватен авион за Кирк и за неговата сопруга да ги однесе во Љубљана. Со Тито разговарале, пиеле вино и се дружеле три часа.

Средба со Орсон Велс



Режисерот на „Граѓанинот Кејн“ го глумел четничкиот сенатор во „Битката на Неретва“. Ако се суди според вниманието со кое си разменуваат подароци, може да се забележи дека и двајцата се почитувале меѓусебно.

На прашањето зошто би сакал да сними документарен филм за Тито, режисерот одговорил:

Тито е последниот жив великан меѓу големите луѓе на нашето време. Она што го прави голем е фактот дека тој е буквално татко на вашата земја. Тој е најголем меѓу воените лидери и лидерите на мирот. Во овие две улоги никој пред него не бил истовремено толку успешен. Мислам дека Тито е една од најмонументалните фигури на новата историја...“
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура