X
 03.03.2021 Образование

Проф. Александра Крколева-Матеска за Отворените денови на ФЕИТ: Не треба да дозволиме матурантите да останат без првичниот извор на информации за студирањето

На матурантите им се дава можност да го почувствуваат пулсот на студентскиот живот на ФЕИТ и да се охрабрат да се впуштат во новиот предизвик што ги очекува, вели Александра Крколева-Матеска, професорка на ФЕИТ

Неколку години по ред организирате Отворени денови за привлекување нови студенти. Какви се ефектите од оваа активност?

- Целта на Отворените денови е да го претставиме Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) пред средношколците, но и пред пошироката јавност. Отворените денови на ФЕИТ се организираат повеќе од петнаесет години, а во нивната организација се вклучени наставниот кадар и тековните студенти, со поддршка од Центарот за нови студенти на ФЕИТ. Искуството од организацијата на овие настани укажува дека матурантите се заинтересирани да дојдат на ФЕИТ и да дознаат повеќе за Факултетот, начинот на студирање и можностите што ги имаат по завршувањето на овој Факултет. Всушност, од анкетите што сме ги спроведувале по организираните Отворени денови може да заклучиме дека иако интернет-технологиите значително го олеснуваат пристапот до информации, сепак, директните средби со матурантите се одличен начин на идните студенти да им се разјаснат сите прашања поврзани со студирањето. Покрај тоа, на матурантите им се дава можност да го почувствуваат пулсот на студентскиот живот на ФЕИТ и да се охрабрат да се впуштат во новиот предизвик што ги очекува.

Како го реализирате настанот согласно правилата за Ковид-19?

-За жал, пандемијата нè принуди да ги менуваме навиките и да ги ограничиме социјалните контакти. Сепак, се обидуваме да се приспособиме. Пример за тоа е што ФЕИТ само една недела по воведување на мерките за заштита на јавното здравје започна со организирана настава преку конференциска врска, овозможувајќи речиси непрекинато одвивање на летниот семестар во академската 2019/2020 година. Не сакавме да изостане организацијата на Отворените денови и имајќи ги предвид сите ограничувања и препораки од здравствените власти, се решивме и Отворените денови да ги организираме онлајн. Сметаме дека не треба да дозволиме матурантите да останат без првичниот извор на информации за студирањето, а технологијата која е на располагање треба да ја искористиме за нов начин на дружење со идните студенти.



Што е ново годинава во однос на инфо-деновите во споредба со минатите години?

- Покрај тоа што првпат Отворените денови ќе бидат организирани преку конференциска врска, се обидовме да внесеме неколку новини. Така, настанот трае три дена и покрај традиционалното претставување на студиските програми на ФЕИТ, ќе има презентации на студентски проекти, панел-сесија со наши доскорешни студенти кои веќе градат успешни кариери, серија популарни предавања, како и сесија посветена на подробно информирање на матурантите за уписите, студирањето и можностите што се отвораат по завршување на ФЕИТ.
И порано сме наоѓале начини да го прикажеме она што го работат студентите на ФЕИТ, но сега имаме можност да отстапиме повеќе простор, со одделни сесии во кои тие сами ќе ги презентираат нивните проекти. Особено ни е драго што оваа година матурантите, а и сите заинтересирани, ќе можат да ги слушнат искуствата на нашите доскорешни студенти. Дел од нив работат во земјава, а дел се одлучија да го продолжат својот пат надвор, но сите тие се пример за вредни, талентирани и успешни млади луѓе со кои ФЕИТ се гордее. За да ги популаризираме областите што ги покрива ФЕИТ, организираме и четири популарни предавања. ФЕИТ има своја популација „гејмери“, но сигурни сме дека и дел од нашите идни студенти ќе им се придружат. Затоа, во соработка со МЕСА, организираме „гејминг“ предизвик за средношколците кој ќе се одвива паралелно со другите настани на Отворените денови. Детали за сите овие настани можат да се најдат на веб-страницата https://open.feit.ukim.edu.mk/ и на социјалните мрежи. Со сево ова, се надеваме дека ќе го доближиме ФЕИТ до идните студенти.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование