X
 03.05.2025 Забава

Овие 7 филма за борачки вештини сигурно не сте ги гледале, а треба

Секој слушнал за вестерн-филмови, но колку луѓе слушнале за терминот „истерн“? Станува збор за филмски жанр кој потекнува од 70-тите години од Хонгконг и Тајван, и содржи (наместо револвери) многу сцени на борба без оружје, односно кореографии кои првенствено се базираат на борачки вештини. Жанрот ги има своите корења во кинескиот „филм со мечеви“, а стана популарен на Запад поради стагнацијата на вестерните. 
„Истерн“ стана општ термин за акциони филмови што се потпираат на борачки вештини.

Кога велиме „филмови за борачки вештини“, повеќето луѓе прво ќе помислат на легендарни актери (и каскадери) како Брус Ли, Џеки Чен или современиот лик Џон Вик, игран од Киану Ривс. Нивната слава е заслужена, но светот на филмовите за борачки вештини е многу поширок, подлабок и поразновиден отколку што изгледа на прв поглед. Под слојот глобално популарни наслови, лежат стотици помалку познати филмови кои воодушевуваат со врвна кореографија, креативна режија и неверојатна страст за борачки вештини.

Подолу е дадена листа со помалку познати, но неверојатно возбудливи филмови кои покажуваат што може да се случи кога талентот, трудот и суровата енергија ќе се спојат во заеднички проект што завршува на големото платно. Ова не е листа со најголемите, најпознатите или најнаградуваните наслови - ова е потрага по скриени богатства што може да ве воодушеват и повторно да ве натераат да се заљубите во жанрот.

Нинџа: Сенка на солза (2013)

Да почнеме со потенцијално најслабиот филм на листата, но во никој случај не е лош – ако сакате чист филм за борачки вештини без непотребно филозофирање, „Нинџа: Сенка на солза“ ќе биде токму она што сте го нарачале. Заплетот го следи Кејси Боуман (важно е да се напомене дека е нинџа) кој, по лична трагедија, тргнува на патување на одмазда. И тоа патување, како што му доликува, е исполнето со безброј скршени коски и цел спектар на страшни удари.

Ако некогаш сте посакале да видите како изгледа вистински, физички напорен, речиси старомоден филм за борачки вештини, снимен во рамките на современите технички стандарди - „Нинџа: Сенка на солза“ е одговорот. Кореографијата е брутална, брза и прецизна, а Адкинс, под режија на Исак Флорентин, буквално се истакнува во секоја сцена со борба.


Фатален контакт (2006)

„Фатален контакт“ е приказна за млад човек кој се обидува да го задржи своето достоинство во свет кој го гази – Ву Џинг игра наивен млад човек од континентална Кина кој запаѓа во темниот свет на нелегалните борби во Хонгконг. Акцијата е врвна, без да биде претерано стилизирана, додека емоциите му даваат на филмот тежина што ретко се гледа во жанрот. Филмот балансира врвна кореографија со посериозни теми (како експлоатација), борбените сцени се сурови, брзи и прецизни, а Ву Џинг, тогаш сè уште на почетокот на својот голем подем, покажува неверојатна физичка вештина и харизма.

Чоколадо (2008)


Многу е веројатно дека сте го гледале класикот за модерни борачки вештини – Онг Бак (2003), познат по својата феноменална кореографија базирана на тајландски бокс што го направи Тони Џа светски познат. Ако ви се допаднал „Онг Бак“, можеби ќе ве интересира „Чоколадо“ (2008), помалку познат филм од истиот режисер (Прачја Пинкаев), во Џи Џа Јанин ја има главната улога.

Зен е девојка со аутизам која неверојатно ги апсорбира борачките вештини и нивните поврзани техники, проучувајќи филмови (вклучувајќи ги и оние во кои глумат Брус Ли и Тони Џа) и гледајќи спортски тренинзи околу себе. Нејзината мајка била во врска со гангстер, што наскоро ќе стане важно за приказната. Имено, кога нејзината мајка се разболува, Зен тргнува на патување за да собере пари за лекување, соочувајќи се со жестоки противници по патот - најмногу затоа што Зен, во соработка со пријателка, одлучила да ги наплати долговите на неплаќачите што ги пронашла на стариот список на нејзината мајка (кој го составила додека работела со нејзиното поранешно момче).

Исполнет е со спектакуларна акција, со борбени сцени со неверојатна прецизност.


Злобница (2017)

Сук-хи, по брутална кампања за одмазда, завршува во рацете на тајна владина агенција која ѝ нуди шанса за нов живот - под услов да заврши серија опасни мисии. Но, како што нејзиното минато полека излегува на виделина, Сук-хи сфаќа дека таа, всушност, е само пион во многу поголема игра.

Се работи за визуелно импресивен, максимално стилизиран и кореографски неверојатно амбициозен филм. Преку серија спектакуларни, речиси оперски акциони сцени - филмот создава чувство на постојан виор од предавство, насилство и емоционална исцрпеност.

 
Братството на волкот (2001)

Ова е еден интересен француски филм за борачки вештини. Во центарот на приказната е потрагата по мистериозниот Ѕвер што го тероризира францускиот село, а потрагата ги води нашите херои до неколку навистина добри борбени сцени.

Филмот меша елементи на историски спектакл, борачки вештини и хорор, со допир на субверзија. „Братството на волкот“ е чуден, непредвидлив и неверојатно забавен филм кој успева да комбинира навидум некомпатибилни жанрови. Иако не е класичен филм за борачки вештини, тој е совршено дополнување на оваа листа со скриени бисери. Ако ви се допаѓа кога филмовите ве изненадуваат кога најмалку очекувате, ова е вистинскиот филм за вас.


Нападот: Искупување (2011)

Во Џакарта, полковникот Вахју организира напад врз зграда за која се верува дека е скривалиште на голем криминалец и шеф на наркокартел и неговата банда. Откако влегуваат во зградата, малата полициска единица открива дека полковникот не ги информирал своите претпоставени за операцијата, па сега мора да најдат начин да си го спасат животот.

Полициските службеници мора да се искачат на сите петнаесет ката до врвот, а потоа да го преживеат враќањето, што значи дека ве очекуваат речиси триесет ката чист адреналин. Со други зборови: приказната лета низ прозорец, а на нејзино место доаѓа чисто акционо филмско искуство – сурово, брутално и неверојатно интензивно.

 

Кореографијата, заснована на индонезиската борачка вештина силат, внесува нов вид динамизам и бруталност на екранот, додека ритамот, монтажата и режијата на филмот создаваат чувство на постојана напнатост и опасност.

Ноќта доаѓа за нас (2018)

Приказната го следи Ита, елитен убиец кој работи за една од најсуровите криминални организации во Југоисточна Азија. Откако одлучува да ја спаси девојката, тој завршува на нишанот на сите негови поранешни сојузници.

Заплетот служи како совршен повод за непрекината серија неверојатно брутални борби, пресметки, пукања и крвопролевање. Речиси секоја сцена завршува со ранети или мртви, а кореографијата е изведена со импресивна креативност и неверојатна прецизност.

„Ноќта доаѓа за нас“ е чист фестивал на насилство кој, заедно со неверојатните борачки вештини, носи и неочекувано емотивни моменти. Ико Уваис и Џо Таслим, двајца ветерани од „Нападот“, се истакнуваат во своите улоги овде, а ако сакате акционен филм кој истовремено шокира, забавува и ве остава без здив, ова е задолжителен филм за вас.

Извор: bug.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава