X
 03.07.2023 Наука

Соларната активност се зголемува: Дали е можна интернет-апокалипса?

Се зголемува стравот за појава на интернет-апокалипса во која светот ќе остане без интернет како последица на соларно невреме. Но, дали моменталната активност на Сонцето е доволна за да предизвика интернет-апокалипса?

Повеќе видеа кружат на „Тик-ток“, а во нив се тврди дека големо соларно невреме може да предизвика крах на телекомуникациите оваа деценија. Меѓутоа, експертите велат дека се претерува со тврдењата и дека таков настан би можел да се случи само еднаш во 500 години. Силните соларни невремиња може да предизвикаат прекини во интернетот поради големите изливи од Сонцето кои може да ги оштетат каблите за интернет на Земјата.

Според труд од 2021 година, шансите за таков настан се од 1,6 до 12 отсто на секоја деценија. Според Сончевиот циклус, Сонцето ќе има најголема активност во 2025, но целата активност на овој циклус е претежно слаба. Неодамна научниците заклучиле дека циклусот забрзал и дека може да се очекуваат повеќе настани како последица на Сончевата активност од очекуваното. Сепак, не се очекува ништо повеќе од просечното во последниот век.

Дали Сончево невреме може да предизвика интернет-апокалипса?

Во случај на екстремни Соларни невремиња, некои мрежни системи може да престанат да работат привремено или трајно, според американската Национална океанска и атмосферска администрација. Сателитската навигација може да биде прекината со денови, а радионавигацијата на ниска фреквенција може да биде недостапна со часови.

Најголемото соларно невреме кое било забележано се случило во 1859 година, кога Сонцето исфрлило огромна маса која стигнала до Земјата за помалку од 18 часа - многу побрзо од обично. Следниот ден биле забележани многу проблеми со телеграфските системи низ светот.

Доколку се случи слична соларна бура денес, таа би можела да ги оштети сателитите, да предизвика прекини во комуникацијата преку телефон, радио и ТВ и да предизвика прекини во напојувањето со електрична енергија на цели континенти. Би биле потребни недели за да се поправи ваква штета.

Ваквите настани се случуваат еднаш на секои 500 години, а последниот бил пред 164 години.

Извор: CBS news
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука