X
 03.08.2017 Живот

Запознајте ја вистинската Покахонтас

Ќерка на индијански поглавар, симбол на мирот меѓу Индијанците и Англичаните, со сигурност историска личност. Таа послужи како инспирација за еден од најубавите цртани филмови на „Дизни“. Сепак, нејзиниот живот не бил како во сказните.

Животот и средбата на Покахонтас со колонијалистите

Родена е како Матоака, што на индијански јазик значи „мала вртешка“. Во некои списи се наведува дека Покахонтас ѝ бил прекар и тоа значело „некој што има немирен дух“.

Од друга страна, еден од индијанските обичаи бил децата при раѓањето да добијат едно име, а кога ќе пораснат, да го сменат. Така и индијанската принцеза била родена како Матоака, а подоцна го добила името Покахонтас.

Таа му припаѓала на племето Поухатан, кое ја населувало територијата на денешната американска држава Вирџинија. За нејзиниот живот пред доаѓањето на англиските колонијалисти скоро и да не постојат податоци – нешто повеќе може да се дознае од белешките и дневникот што го водел капетанот Џон Смит.

На почетокот на  17 век, на територијата на Вирџинија стигнале Англичаните со намера да ја изградат колонијата Џејмстаун. Покахонтас тогаш првпат се сретнува со луѓе со поинаква боја на кожата и поинаков начин на размислување.

Во цртаниот филм, Покахонтас е прикажана како девојка со немирен дух која копнее по нови и поинакви работи отколку по бракот со храбриот воин Кокоума. За неа, едрата од бродовите се „чудни облаци“, но и повик да тргне во авантура за да открие нешто што не го видела во својата земја.

Капетанот Џон Смит

Стигнувањето на територијата на Вирџинија значело и истражување на околината, но истовремено и подготвеност на борба со Индијанците.

Капетанот Џон Смит, еден од многубројните членови на екипажот, бил заробен од страна на воините на племето Поухатан. Во своите забелешки навел дека поминал неколку недели во заробеништво, и за тоа време го сметале за трофеј.

Индијанците ги осудувале на смрт своите заробеници, а таква судбина го чекала и Џон Смит. Меѓутоа, од сигурна смрт го спасува Покахонтас, која со своето тело го заштитила, спречувајќи го на тој начин смртоносниот удар.

Потоа тој безбедно се вратил во колонизираното подрачје, а Покахонтас често го посетувала во Џејмстаун и на војниците им носела храна.

Се разбира, описот на овој настан не е пронајден во неговите првобитни забелешки. Случувањата во Вирџинија по враќањето во Англија тој ги опишувал како возбудливи и во неколку наврати истакнал дека бил убаво примен од страна на Индијанците.

За Покахонтас и за заробувањето не пишувал сè до нејзината смрт. Поради ова, голем број научници се сомневаат во вистинитоста на оваа приказна.

Цртаниот филм, меѓутоа, ја прикажува љубовта помеѓу Покахонтас и Џон Смит и нејзината желба конечно да престанат судирите меѓу Индијанците и Англичаните. За неа, тоа бил потешкиот пат, но го избрала токму тоа и по секоја цена посакувала да го спречи натамошното крвопролевање.

Во реалноста, Покахонтас имала само 10 или 12 години кога Џон Смит на своја 28-годишна возраст стигнал во Вирџинија. Согласно тоа, и нивниот физички изглед бил поинаков и не се случило никакво романтично запознавање. Тие се запознале токму во моментот кога таа успеала да го спаси од сигурна смрт.

Компасот на Џон Смит, кој ѝ го покажал на Покахонтас вистинскиот пат, всушност нему му послужил да им објасни на Индијанците како да се ориентираат во просторот и кои се страните на светот.

Заминувањето во новиот свет


Покахонтас била одведена во Англија. Таму го научила англискиот јазик и го променила своето име во Ребека.

Година дена подоцна, Англичаните сакале да ја вратат во нејзиното племе за да постигнат мир со Индијанците. Меѓутоа, Покахонтас не сакала да се врати во Вирџинија. Во Англија го запознала Џон Ролф, трговец со тутун, за кого се омажила. Англичаните убаво ја прифатиле Покахонтас. Особено е значајно нејзиното големо влијание во поглед на мирот помеѓу Индијанците и Англичаните.

Нејзината поврзаност со народот и жртвата што била подготвена да ја поднесе придонеле цртаниот филм „Покахонтас“ да стане бајка на „Дизни“ со тажен крај.

Сепак, и покрај многубројните разлики помеѓу цртаниот филм и вистинските настани, еден факт е неспорен – и Индијанците и Англичаните меѓусебно се нарекувале варвари и дивјаци.

Разговорот меѓу Џон Смит и Покахонтас кога таа вели дека никој не треба да се смета за дивјак ако мисли поинаку од другите, во голема мера објаснува зошто таа била омилена меѓу своите наводни непријатели. Покахонтас била космополит на своето време.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот