X
 03.09.2019 Живот

Градските власти во Берлин ќе ја ограничат висината на киријата на становите

Градските власти во Берлин планираат да ја ограничат висината на месечната кирија на 7,97 евра за квадратен метар како дел од настојувањето да се намали растот на киријата во главниот германски град. Според нацрт-законот, наемодавците ќе може да наплатуваат максимум по 0,57 евра повеќе за квадратен метар, доколку го подобрат квалитетот на станбениот простор, вклучувајќи и модерен систем за греење.

Берлинската сенаторка за урбан развој Катрин Ломпшер планира да ја ограничи киријата за станови изградени до 2013 година, додавајќи дека становите изградени по 2014 година ќе бидат исклучок. Предлог-законот мора да помине на јавна расправа. Градскиот сенат ќе подготви предлог-закон што ќе биде доставен до градскиот парламент до 15 октомври, а предвидено е да стапи во сила во јануари.

Берлинските градски власти во јуни донесоа одлука да го замрзнат изнајмувањето на пет години, врз основа на поплаките од жителите дека градот станал прескап. Иако цената на изнајмувањето станови во овој град е зголемена, сепак, е пониска во споредба со Лондон и Париз. „Дојче Вон“ е најголемиот наемодавец на станови, со повеќе од 115.000 стана во главниот град на Германија, додека неговиот конкурент „Воновија“ поседува повеќе од 42.000.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот