X
 03.09.2023 Технологија

Објавувате селфиња на социјалните мрежи? Размислете двапати пред да го сторите тоа

Експертите за безбедност често ги предупредуваат корисниците на социјалните мрежи да бидат внимателни кога објавуваат содржини, особено приватни содржини што некој би можел да ги користи за измама, кражба на идентитет и слично. Може да имате проблеми дури и ако објавите најобично селфи. Ова го покажа студијата спроведена од професори и студенти на одделот специјализиран за социјални мрежи на Универзитетот во Индијана.

Нивното истражување го вклучило „Твитер“, односно платформата „Х“, но проблемите со крадење селфи очигледно не се ограничени само на таа мрежа. Кражбата на селфи-фотографии со кои се отвораат нови профили на социјалните мрежи не е единствениот проблем. Имено, истражувачите пронајдоа повеќе од илјада ботови, односно профили кои објавуваат содржини напишани од вештачка интелигенција и шират дезинформации, линкови до лажни веб-страници итн.

Иако претходно имаше многу ботови кои ширеа лажни вести и мамеа корисници, со примената на чет-ботови како „Чет-ГПТ“ ситуацијата прилично се промени. Ваквите ботови сега се поубедливи, меѓусебно комуницираат, се следат меѓусебно, ја споделуваат содржината на другите ботови за нивната активност да биде слична на човековата активност и нивната содржина да има што поголем досег.

Како што е нагласено во истражувањето, тие биле многу успешни во тоа, па на експертите денес им е потешко да препознаат дали се работи за бот или содржината ја објавуваат вистински корисници. Меѓу другото, ваквите ботови објавуваат и совети за криптовалути и се обидуваат да ги измамат луѓето, односно да ги убедат да инвестираат во некоја лажна криптовалута, а евидентирани се и обиди за кражба на пари од паричници со криптовалути. Покрај тоа, ботови шират и лажни вести на теми како што се политички избори, здравје итн.

Како еден од главните заклучоци на ова истражување се наведува дека овие откритија за ботови со вештачка интелигенција се само врвот на ледениот брег и дека бројот на малициозни ботови кои се тешки за откривање е многу поголем.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија