X
 03.12.2025 Живот

Седум автори што имале чудни домашни миленици

Легендата вели дека Вергилиј, римскиот поет кој ја напишал „Енеида“, чувал мува како домашно милениче. Тој потрошил огромна сума пари за организирање екстравагантен погреб за смртта на миленичето - имало гробно место, ожалостени, па дури и оркестарско оплакување - за неговата драга почината бубачка. Се вели дека целата работа всушност била трик за да се спречи владата да го заплени неговиот имот, нешто за кое немале дозвола ако на самото место имало мавзолеј.

Иако е добра приказна, за жал, ова е само тоа - приказна, бидејќи нема докази дека поетот организирал погреб за мува. Но, низ историјата има многу други автори што навистина чувале чудни домашни миленици:

Хенрик Ибзен имал скорпија

Драматургот ја чувал скорпијата во чаша за пиво - празна, се разбира, на неговата маса. „Одвреме-навреме се разболуваше. Потоа фрлав парче зрело овошје во неа, на кое таа се фрлаше во бес и ѝ го вбризгуваше својот отров; потоа повторно беше здрава“, напишал тој. Не е познато колку долго живеела скорпијата додека била згрижена од Ибзен.

Лорд Бајрон имал мечка


Поетот од романтизмот Лорд Бајрон, бил озлогласено лошо момче. Една од неговите љубовници, Лејди Каролин Ламб, го опишала како „луд, лош и опасен“. Во согласност со оваа бунтовна репутација, кога Бајрон бил студент на колеџот „Тринити“ во Кембриџ, имал мечка како домашно милениче. На студентите не им било дозволено да имаат кучиња на кампусот, па Бајрон бил разделен од неговиот сакан њуфаундленд Ботсвејн. Но, немало официјално правило против чување мечка во студентските домови, па Бајрон донел една на кампусот како форма на протест.


Фланери О’Конор имала кокошка што одела наназад


Иако кокошките не се толку невообичаени како домашни миленици, кокошката Кочин што ја имала Фланери О’Конор како дете дефинитивно била необична бидејќи можела да оди наназад. Веста за птицата што одела наназад стигнала до „Пате њуз“, кои ја опфатиле во краток видеосегмент во 1932 година, а накратко се појавила и самата О’Конор. „Бев таму само за да ѝ помогнам на птицата, и тоа беше врвот во мојот живот. Сè оттогаш е антиклимакс - истакнала авторката.

Данте Габриел Росети имал вомбат

Кога англискиот поет и сликар Данте Габриел Росети ги видел вомбатите (цицачи, торбари) во лондонската зоолошка градина во Риџентс парк, бил воодушевен. Набрзо купил два и додека едниот од нив умрел речиси веднаш, другиот, наречен Топ (по прекарот на Вилијам Морис, Топси), добил слобода да се движи во неговата куќа. Но, за жал – и тој умрел за неколку месеци.

Шарл Бодлер имал лилјак

Во 1857 година објавена е најпознатата поетска книга на Шарл Бодлер - „Цвеќиња на злото“. Неколку години подоцна, францускиот поет - кој бил измачуван и од здравствени и од финансиски проблеми - живеел во хотелот „Гранд Мироар“ во Брисел. Собата била оскудна, но Бодлер решил малку да ја „разубави“ со тоа што чувал лилјак. Тој го уловил крилестото суштество на блиските гробишта. Но, лилјакот веројатно не уживал да биде домашно милениче на Бодлер - кутрото животно било чувано во кафез и хрането со млеко и леб.

Чарлс Дикенс имал гавран

Познатиот викторијански романописец Чарлс Дикенс толку многу го сакал својот гавран Грип, што решил да ја прикаже птицата како лик во својот роман од 1841 година - „Барнаби Раџ“.

Александар Дима имал три мајмуни

Откако стекна слава и богатство со „Тројцата мускетари“ (1844) и „Грофот од Монте Кристо“ (1846), Александар Дима изградил огромна куќа наречена „Шато де Монте-Кристо“ надвор од Париз. На имотот на замокот францускиот романописец чувал многу животни. Имал мачка, неколку кучиња и многу птици, вклучувајќи мршојадец, папагал, златен фазан...

Тој, исто така, чувал три мајмуни, кои ги именувал по романописец, преведувач и актерка. Сепак, одбил да ги открие нивните вистински имиња во јавноста. 

Извор: mentalfloss.com

Фото: Freepik/Instagram 

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот