X
 09.11.2018 Образование

Професорката Гордана Стојаноска од УКЛО - првата жена добитник на наградата „Григор Прличев“

Имав благослов да добијам два од најголемите дарови на животот. Да ги познавам тајните на перото и да бидам учител. Два дарови кои во себе ја носат можноста да поделиш нешто и повторно да не се намали, да не го изгубиш. Напротив, така да ги размножиш и повторно да ги размножиш и да му го подариш на светот она што е најубавото во тебе - знаењето и чувствата.
    
Но, да одиме по ред. Јас сум Гордана Стојаноска. По професија социолог. Работам како професор на група социолошки предмети на Педагошкиот факултет - Битола. Работам со оној дел од популацијата кој допрва ќе го открива светот и допрва ќе му овозможи на светот да ги открива нивните хоризонти и вредности. Работам со младоста. Никогаш не би посакала да работам нешто друго. И нема поголема чест и одговорност од таа да бидеш присутен толку многу во еден дел од патот на иднината, од заветот за иднината.
    
Во слободното време уживам во читањето и пишувањето. Во творењето. Имам објавено три книги и секоја од нив го носи белегот на моите чувства. Секоја од нив ми е подеднакво прирасната за срцето, но една е некако посебна. Нејзината посебност е заради венецот со кој е овенчана. Лауреат награда Григор Прличев за 2017 година. Ловоров венец во чест на еден од великаните на македонското творештво. Станува збор за Поемата „Клучевите“ која е напишана во август 2012 година. Брои 1578 стихови и во еден силовит налет на инспирација, таа е создадена за само седум дена.

награда

Централниот настан по повод оваа награда се одржа на 5 фебруари 2018 година, во Охрид, во организација на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ - Охрид. И тоа беше едно прекрасно искуство кое се памети за цел живот.

Но, да кажам неколку зборови за поемата. Зошто ја напишав?Дозволете да ви прикажам едно информативно делче од секојдневието, од денешниот модерен живот. Седнувате пред телевизор или уште подобро, се приклучувате на глобалната мрежа и одеднаш сте затрупани. Слушате термини од типот: жртви, војни, убиства, насилства, повредени, несреќи, напади, смрт... сте се обиделе ли некогаш да преброите колку пати ги читаме и слушаме овие ужасни зборови во текот на еден ден?...и потоа омраза, прогонети, гладни, раселени, онеправдани, понижени, бомби, вооружување, оружје, смрт, смрт... Тогаш си ги поставуваме непопуларните противречни прашања: Каде сме се упатиле? Знаеме ли што правиме? И во една таква состојба на неверување, толку црно што ве преплашува – посегнувате по глас кој ќе ве води. Наречете го тој глас како сакате: совест, ангел чувар, откровение, просветлување, судбина, Бог или ставете му име на вистински пријател, оној од крв и месо чии вредности се стамени како карпа која нема да попушти кога ќе се потпрете на неа. Мојата инспирација истече од тука. Мојата мотивација беше многу едноставна. Се обидов да се убедам себеси и да ги убедам сите други дека над темните облаци сеуште постојат ѕвездите...

1
    
Во потрагата по зрнце надеж, поемата ги допира врвните вредности. На прво место – убавината, потоа трагањето по вистината, надежта, копнежот по слободата и на крај, онаа божествена нишка во човекот која секогаш го спасува и продолжува човековиот род - љубовта.
    
Длабоко под стиховите се слуша внатрешниот протест против човекот како творба на модерниот свет кој понекогаш е толку туѓ, толку студен, што не чувствува ниту каење, ниту жалење, ниту сомилост, протест против изреките кои покажуваат и докажуваат колку е длабок амбисот над кој се наведнува човештвото: „Ама што ми е грижа?“ и „Ех, голема работа!“ и „Не ме засега мене“... И тој протест се претвора во крик. Затоа што секој од нас е важен. Секој од нас е една клетка во тоа прекрасно, интелегентно, љубопитно и благородно битие кое се нарекува човештво. Поемата „Клучевите“ верува во тоа битие и во секоја негова клетка.

Последните ќе бидат први, помислив,
заспаните се будат, мисла ми летна,
реките мали ќе станат ширен залив,
се будат, блесна, зеницата матна.

И видов како првпат дигаат глава
и како првпат дишат со полни гради
и нова крв во жилата пепелава
и болка и радост за првпат засади.

И видов како границите ги рушат
и како море кое бура искусува
за прв пат, бреговите кои го гушат
со бранови ги брише, ги надвишува.

И ја победи отуѓеноста своја,
кон утре сврти поглед родата моја.

И третиот клуч душата ми одгради
да распливне волно ко небо бескрајно
и зандани во мисла сруши, разгради
каj робот чмаеше без надеж, очајно.

И крилјата тешки што казна ми беа,
воздушеста опој, преродена сила
- ширно ги развеа  
(извадок од поемата „Клучевите“)

Гордана Стојаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование