X
 18.05.2025 Живот

Светлината на животот навистина постои и згаснува по смртта, потврдуваат научниците

Кога некој ќе почине, често се вели дека му „се гасне светлината во очите“. Но, ново истражување открива дека оваа фраза не е само метафора и дека сите живи организми, вклучително и луѓето, навистина емитуваат слаба светлина која исчезнува по смртта.

Новото истражување покажува дека живите суштества постојано емитуваат слабо светлосно зрачење како резултат на метаболичките и клеточните процеси. Оваа слаба, т.н. ултраслаба емисија на фотони (УПЕ), е директно поврзана со животната активност и згаснува по нејзиното завршување.

Како што клетките трошат енергија, митохондриите произведуваат мали количини реактивни кислородни молекули кои во интеракција со протеините, липидите и други молекули ослободуваат ретки фотони. Иако оваа светлина е премногу слаба за да се забележи со голо око и тешко се регистрира дури и со опрема, научниците ја набљудувале кај растенија, животни и човечки клетки, но досега никогаш на цел организам.

Истражувачкиот тим предводен од проф. Даниел Облак од Универзитетот во Калгари користел високочувствителен дигитален систем за снимање. Тие сместиле глувци во затемнети, контролирани комори и ги снимале два часа. Кај живите глувци регистрирале сјај по целото тело, особено над органите, главата и шепите. Кај мртвите глувци светлосната емисија целосно исчезнала.

- Живите глувци емитуваат јасно изразена ултраслаба емисија на фотони, што укажува на активни биолошки процеси, додека кај мртвите глувци емисијата е речиси недeтeктирана - пишува во трудот.

Истата појава е забележана и кај растенијата. Кај некои примероци на растенија интензитетот на светлината се зголемувал кога растението било изложено на стрес, високи температури или механички оштетувања.

Откритието има значаен потенцијал. Бидејќи интензитетот на сјајот е поврзан со клеточната активност, оваа метода може да стане алатка за неинвазивно следење оштетувања, воспаленија и други биолошки состојби кај луѓето и животните. Исто така, може да се користи за набљудување на здравјето и развојот на растенијата во различни услови на животна средина.

Извор: Rts.rs
Фото: Gizmodo
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот