X
 04.03.2023 Наука

Месечината може да добие сопствена временска зона, иако времето таму функционира сосема поинаку

Повеќето од нас, во одреден момент, застанале да ја погледнат Месечината. Но, дали некогаш сте се запрашале колку е часот таму горе?

Оние што се запрашале наскоро можат да добијат одговор бидејќи вселенските организации размислуваат да ѝ дадат сопствена временска зона на Месечината.

Десетици мисии на Месечината, вклучително и оние за изградба на бази и други живеалишта, се планирани за деценијата што следува, соопшти Европската вселенска агенција.

Вселенските организации почнаа дискусии за мерењето на времето на Месечината во технолошкиот центар ESTEC на Европската вселенска агенција во Холандија.

- Се согласивме за важноста и итноста за дефинирање заедничко лунарно референтно време, кое е меѓународно прифатено и на кое може да се повикуваат сите лунарни системи и корисници - изјави Пјетро Џордано, инженер за навигациски систем на Европската вселенска агенција.

Досега, со секоја нова мисија на Месечината беше оперирано на свој временски распоред, со антени за длабока вселена користени за одржување на хронометрите на бродот, синхронизирани со времето на Земјата.

Освен што астронаутите и копнените контролори можат да го кажат времето на Месечината, потребата за стандардно сметање на времето во вселената е суштинска за водење и навигација.

Исто како што ГПС-системите на Земјата бараат прецизна координација и тајминг, така ќе бара и секоја инфраструктура што се гради и работи.

Станицата „Гејтвеј“ на НАСА ќе служи како повеќенаменска станица која орбитира околу Месечината кога ќе почне да работи, во ноември 2024 година. Ќе биде отворена за престој на астронаути и ќе обезбеди поддршка за луѓето да се вратат на површината на Месечината.

Помеѓу актуелните теми за кои се дебатира е дали една организација треба да биде одговорна за поставување и одржување лунарно време и дали тоа треба да биде поставено на независна основа, или да се одржува синхронизирано со Земјата.

Зошто времето поинаку функционира на Месечината?

Еден предизвик е тоа што часовниците на Месечината работат побрзо од нивните еквиваленти на Земјата, бидејќи часовниците отчукуваат побавно во посилните гравитациони полиња, па затоа добиваат околу 56 микросекунди или милионити делови од секундата дневно.

Нивната точна стапка зависи од нивната положба на Месечината, отчукувајќи со различна брзина на површината на Месечината отколку кога се во орбитата.

- Се разбира, договорениот временски систем ќе треба да биде практичен за астронаутите - вели Бернхард Хуфенбах, член на тимот за управување со Месечината од Дирекцијата за човечки и роботски истражувања на Европската вселенска агенција.

- Ова ќе биде голем предизвик на планетарна површина каде што во екваторијалниот регион секој ден е долг 29,5 дена, вклучувајќи ги и студените двенеделни лунарни ноќи. Но, откако воспоставивме систем за работно време за Месечината, можеме да продолжиме да го правиме истото и за другите планетарни дестинации - вели тој.

Извор: News.sky.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука