X
 04.03.2025 Колумни

Колумна: Младите денес - во потрага по изгубената суштина на образованието...

Во последно време – со изразен емоционален тон, со страст и со жар, многу се дебатира (во сите медиуми и во јавноста) за присутната криза во образованието. Во таа смисла ваквата кризна состојба во која е западнато образованието е израз на кризата од пошироки (светски) размери. Тоа е кризата на духовната ситуација на нашето време, која е констатирана уште во 30-тите години на XX век од германскиот филозоф Карл Јасперс. Тоа значи дека анализата на состојбите во образованието на дигиталната епоха треба да започне преку поставувањето на прашањето за духовната ситуација на времето денес!

Со забрзаниот научен, техничко-технолошки и информатичко-технолошки развиток на цивилизацијата, човекот повеќе не е владетел на својот духовен свет, туку е исфрлен на неговата периферија. Тој постои само во економските, социолошките и политичките ситуации кои не се неговото вистинско, односно стварно постоење. Цивилизацискиот напредок оди во погрешна насока, а во светот се случува пропаста на духот на образованието. Исчезнува етичкото во образованието, а кризата во образованието е резултат на кризата на моралните вредности, која е бавен процес што започнал да се одвива одамна и бил присутен и во други историски епохи во прикриена форма. Во дигиталната епоха во која живееме денес полека измина преодната фаза на кризата во етичките вредности, но на општествениот хоризонт сè уште не се создадени новите вредности на моралот или, пак, се во почетна фаза на формирање. Ваквата ситуација создава состојба на вакуум во која е многу тешко да се остварат целите на образованието.

Главната цел на образованието е да создава личности кои имаат високоразвиена самосвест и кои со најголем степен на одговорност ќе учествуваат во креирањето на иднината. Но, за жал, денешното образование не ја остварува ваквата цел, а причините се многубројни и комплексни.

Во одредена смисла суштината на образованието полека се губи или исчезнува во морето на информации кои се размножуваат со неверојатна брзина, а со кои е преплавено мрежното општество.

Помеѓу теоретичарите постојат дивергентно различни и спротивставени гледишта во врска со тоа дали суштината на денешното образование исчезнува, ако воопшто може да се тврди дека денес постои некаква суштина на образованието. Попрецизно кажано, неговата суштина во современото општество во голема мера – од корен е променета, поради брзиот напредок на информатичката технологија. Во последно време сѐ позачестени се мислењата на теоретичарите кои сметаат дека човекот свесно е во потрага по изгубената суштина на образованието – неговата „етичка“ димензија, која има моќ да го менува и преобразува светот.

Денес младите како да имаат некаква празнина во душата. Епохата на смртта на надежта и смислата помина – остави пустош во нивните души и го изобличи лицето на светот. Тие како да се чувствуваат збунети и изгубени во светот кој е поле на кое се судираат голем број противречни информации и бесмислици.

Од една страна, младите луѓе се изгубени во шаренилото од интерактивните софтвери и платформите за споделување, социјалните мрежи, микроблогирањето и другите нови форми за социјално општење. Тие создаваат цивилизациски шум и врева во нивниот млад и кревок дух, чиј духовен лик е во процес на формирање. И токму овој шум – врева се наметнува во општеството како нужно зло без кое младиот човек не би можел да напредува. Ова е стапицата која му ја подготвува општеството на младиот поединец. Се наметнуваат императиви кои се строги норми на новото дигитално време, кои мора да се почитуваат, за да се овозможи опстанок и просперитет. Но, која е смислата на сето тоа? Дали зад ваквите императиви на новото време постои некаква смисла – суштина?

Од друга страна, денешното образование, кое треба да им биде потпора на младите во животот и да ги подготви за просперитетна и убава иднина, ги промашило своите цели. Затоа младите немаат доверба во начинот на функционирањето на образовните институции. А остварувањето на главната цел на образованието – создавање самосвесни и одговорни личности со развиен морален интегритет и отворен дух, останува препуштено на личната одговорност на поединецот.

Денешното образование не создава личности, туку е организирано на таков начин со една цел – да се создадат послушници. Во овие образовни методи (кои во никој случај не можат да се наречат воспитни) се крие перфидната политика на суровата школа на животот, на чие насилие и притисоци секојдневно се изложени младите умови.

Махатма Ганди, легендарниот индиски мислител и реформатор, познат по ненасилните методи во остварувањето на политичките цели, кој никогаш не ја изгубил вербата во човештвото, секогаш верувал во моќта на ненасилството – најмоќното оружје измислено од човекот. За него, животот без принципи – без морал и етички вредности (особено во сферата на образованието) е брод без кормилар! Тој истакнувал дека образованието без карактер не е само бесцелно, туку и штетно. Махатма Ганди испратил апел до идните генерации да не се крие незнаењето – туку тоа чесно да се признае, бидејќи само на тој начин тоа дава основа за надеж дека порано или подоцна незнаењето ќе исчезне.

Образованието како марионета на несовршените општествено-политички системи (во историјата) е главниот виновник за создавањето искривена слика за реалноста. Во општеството на сила владее правдата која ја спроведува духовниот конфекционизам како внатрешен костум на луѓето, во кој не се почитуваат и развиваат индивидуалните и личните квалитети на луѓето, туку на нив се гледа како на униформирани предмети кои треба да се обликуваат во калап според целите и потребите на општеството. Во таа смисла, германскиот мислител од XIX век – Фридрих Ниче со право истакнува дека образованието е форма без содржина – лоша форма или униформа! Така било во негово време, а така е и денес.

И покрај тоа, младите сè уште веруваат дека доброто образование е основа за среќен живот. Тие се храбри и смели борци – витези – Дон Кихотовци, кои се борат за враќањето на етичката димензија на образованието. Со нивниот борбен и креативен дух, младите создаваат иднина во која поединецот ќе биде подготвен да ја преземе одговорноста за својот живот. Младите денес на извесен начин се изгубени во тешко проодната шума од морални дилеми – трилеми – полилеми, кои ја одразуваат моралната деградација на дигиталната епоха. Но, сепак и покрај тоа, тие успеваат да се справат со тој голем предизвик. Тие пронаоѓаат во себеси сила и моќ за враќање на изгубената суштина – длабочина на образованието. Младите можат – поинаку и подобро!

Автор: Душица Ѓокиќ, магистер по филозофија и независен истражувач на Филозофскиот факултет при Институтот за филозофија на УКИМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни