X
 04.05.2025 Живот

Неочекувано видео од октопод што „јава“ ајкула

Додека била на истражувачки брод на Универзитетот во Окленд, крај брегот на островот Кавау во Нов Зеланд, морскиот еколог Рошел Константин забележала нешто необично во близина на главата една мако-ајкула. Формата на предметот потсетувала на многу нешта: некаков израсток, помислила Рошел или можеби длабока рана, а личело и на заплеткана рибарска мрежа. Она што не ѝ паднало на ум било дека станува збор за маорски октопод кој си нашол бесплатен превоз.

Нејзината колешка, техничарката Венсдеј Дејвид, пуштила дрон за да сними одозгора, додека друга колешка, Естер Стук, спуштила подводна камера за да ја сними ајкулата одоздола. Универзитетот во Окленд неодамна ја објави оваа неверојатна снимка, која на прв поглед е комедија. Ајкулата грациозно се движи низ водата, додека од брановите ѝ ѕирка перката. Но, потоа јасно се гледа портокаловиот октопод како со своите пипала се држи за ајкулата, а неговата глава се ниша во ритам со струјата.

- Овој ‘ајкупод’ навистина беше мистериозно откритие бидејќи октоподите обично живеат на морското дно, додека мако-ајкулите не ги преферираат длабочините. Нема логика двете животни да се најдат во исто време на исто место. Воопшто не знаеме како се сретнале - пишува Рошел.

Иако оваа мако-ајкула била прилично долга, истото важи и за маорскиот октопод, кој е најголемиот октопод на јужната хемисфера.

- Може да се види дека октоподот зафаќа добар дел од главата на ајкулата - вели Рошел.

Како и другите припадници на својот вид, мако-ајкулата има странични сензорни линии по телото, кои ѝ овозможуваат да ја перципира околината. Дури и кога октоподот се свиткал во топка, веројатно за да се сокрие, ајкулата ја почувствувала неговата близина. Сепак, не изгледало дека ѝ пречи.



- Ајкулата беше задоволна, а исто и октоподот - вели Рошел.

Што се случило потоа, останува непознато. По десет минути, екипата продолжила понатаму, но во својот напис Константин претпоставува дека за октоподот започнало вистинско доживување, со оглед на тоа што најбрзата ајкула на светот може да достигне до 50 километри на час. Таа ја нагласува реткоста на моментот, кој служи како силен потсетник на чудата на океанот.

- Една од најубавите работи во морската наука е тоа што никогаш не знаеш што следно ќе се појави во морето. Со поддршка на иницијативи за заштита на природата, можеме да се погрижиме ваквите извонредни моменти да продолжат да се случуваат - вели биологот.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wednesday Davis / University of Auckland
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот