X
 04.07.2025 Наука

Астрономите следат објект што можеби потекнува од надвор од Сончевиот Систем

Објект надвор од Сончевиот Систем е забележан како се движи кон Сонцето, што доколку се потврди, би бил третиот интерстеларен посетител, соопшти Европската вселенска агенција (ЕСА).

Објектот, кој моментално се нарекува „A11pl3Z“, не претставува закана за Земјата, изјавил шефот за планетарна одбрана на ЕСА, Ричард Моисл.

-Ќе лета длабоко низ Сончевиот Систем, минувајќи веднаш во орбитата на Марс, но не се заканува да ја погоди нашата соседна планета – истакнал тој.

Возбудените астрономи сè уште ги усовршуваат своите пресметки, но се чини дека објектот се приближува со брзина до 60 километри во секунда, што би значело дека не е врзан за орбитата на Сонцето, за разлика од кометите, кои сите потекнуваат од Сончевиот Систем.

Неговата траекторија исто така значи дека не орбитира околу нашата ѕвезда, туку доаѓа од меѓуѕвездениот простор и повторно лета таму, вели Моисл.

Се очекува официјална потврда од Центарот за мали планети на Меѓународната астрономска унија, кој досега има евидентирано повеќе од 100 набљудувања на објектот.

Откако бил откриен објектот астрономите ширум светот пребаруваат низ претходните податоци, следејќи ја неговата траекторија барем до 14 јуни. Се проценува дека објектот моментално е широк околу 10-20 километри, иако може да биде помал, според Моисл.

-Ќе станува посветол и ќе биде поблиску до Сонцето до крајот на октомври, а потоа сè уште ќе биде видлив (со телескоп) до следната година - додал тој.


Нашиот трет посетител

Ова би бил третпат човештвото да открие нешто што доаѓа од ѕвездите.

Првиот, „Оумуамуа“ објект, бил откриен во 2017 година. Бил толку чуден што барем еден истакнат научник се убедил дека станува збор за вонземски објект - иако ова оттогаш е отфрлено од понатамошните истражувања.

Нашиот втор меѓуѕвезден посетител, „2I/Борисов“, бил забележан во 2019 година.

Моисл смета дека не е изводливо да се испрати мисија во вселената за да се пресретне новиот објект.

-Се чини дека се движи значително побрзо од другите два вонсончеви објекти што претходно ги откривме – изјавил Марк Норис, астроном на Универзитетот „Централен Ланкашир“, во Велика Британија.

Норис истакнал дека моделирањето проценува оти може да има дури 10.000 меѓуѕвездени објекти што лебдат низ Сончевиот Систем во кое било време. Ако е точно, ова сугерира дека новоотворената опсерваторија „Вера Ц. Рубин“ во Чиле наскоро би можела да ги наоѓа овие бледи објекти секој месец.

-Овие посетители нудат ретка можност да се проучи нешто надвор од нашиот Сончев Систем. На пример, ако откриеме претходници на живот како што се аминокиселините на таков објект, тоа би ни дало многу поголема доверба дека условите за живот постојат во други ѕвездени системи – заклучил Норис.

Извор: phys.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука