X
 12.01.2017 Технологија

Драматично предупредување од Оксфорд за исчезнувањето на професиите

Арт Билгер, инвеститор и член на одборот на Универзитетот Пенсилванија, повикувајќи се на неодамнешно истражување на Универзитетот Оксфорд, тврди дека во наредните 25 години, развиените нации ќе изгубат до 47% од професиите.

Билгер ја формирал непрофитната организација „Working nation“ со намера да се бори против „структуралната невработеност“. Негова цел е да ја предупреди јавноста и да направи планови за заштита од овој загрижувачки тренд. Целиот концепт на вработување ќе се промени, а тоа не може да се спречи.

Механизацијата ги одзема работните места
  

Механизацијата отсекогаш ни ја одземала работата. Механичкиот разбој за ткаење ја одзел ткајачката работа, но за сметка на тоа создал нови места: механичарски, работнички итн. Во почетокот на дваесеттиот век, автомобилите им ја одзеле работата на ковачите, но наскоро станале механичари.

Сепак, овој нов тренд е поинаков. До 2034 година поголемиот број од професиите ќе бидат застарени. Се чини дека технолошката револуција ќе ја избрише средната класа. Компјутерите ќе можат поевтино да ги извршуваат задачите, а ќе бидат и поефикасни.

Сметководителите, докторите, адвокатите, учителите, бирократите и финансиските аналитичари треба да бидат внимателни, бидејќи и нивните професии не се сигурни. The Economist пишува дека компјутерите ќе можат да анализираат тони податоци и да донесуваат финансиски или медиумски одлуки. Веројатноста за измама или погрешна дијагноза ќе биде помала, а самиот процес ќе биде поефикасен. Механизацијата и компјутеризацијата не може да престанат.

Универзален основен приход

Билгер смета дека проблемот трае веќе подолго време. Едно од предложените решенија е универзалниот основен приход. После тоа, програмите за преквалификација ќе им помогнат на луѓето повторно да се вработат. Можно е сето тоа да доведе до процут на човештвото, бидејќи наместо трката по пари, луѓето ќе можат да се посветат на нивните страсти.

Во едно скорешно интервју, Билгер ја изнел потребата повторно да се обучат средовечните работници за да можат да учествуваат во економијата. Алтернативата е да се занемарат. Признал дека многу средовечни работници се скептични околу враќањето во училниците, но смета дека тоа е неопходно.

Проблемот на денешницата не е во тоа дека нема доволно работни места, туку дека нема доволно работници со потребни вештини за да се пополнат достапните позиции.

Дали професионалните возачи, на пример, таксистите, би можеле да ја најдат својата позиција во новата економија, кога самоуправувачките автомобили ќе станат сеприсутни? Всушност, никој не го знае одговорот на тоа прашање. Како и со секоја крупна промена во општеството, ќе има и добитници и губитници. Оваа пресвртна точка води или до прагматична утопија или до целосен општествен пресврт. Се чини дека ќе се случи нешто помеѓу.   

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија