X
 04.10.2018 Образование

Преспанските средношколци останаа без превоз за Битола

Околу 150 средношколци од Преспа, кои своето образование го продолжиле во Битола денеска, втор ден не отидоа на настава поради немање бесплатен превоз, јави МИА. Учениците од селата Јанковец и Златари со овој проблем се соочувале од почетокот на учебната година, бидејќи немале платен превоз до Ресен и сами се снаоѓале. Основните и средните училишта во Битола во моментов должат 47.700.000 денари (повеќе од 770.000 евра) за неплатени услуги поврзани со организираниот училишен превоз во овој град.

Секторот за односи со јавност на Општина Битола информира дека вкупната сума на наследени долгови е значително намалена, но и понатаму висока.

- Општина Битола еднаш засекогаш треба да го реши проблемот со превозот како основен причинител на финансискиот колапс во битолските училишта. Училиштата во градот имаат упатство да се усогласат со новите законски измени кои ги овозможува Законот за превоз во патниот сообраќај, и на тој начин ќе се надмине проблемот – се вели во соопштението.



Превозот за овие ученици од Преспа го обезбедува општина Битола, со средства од Министерството за образование и наука. Општина Ресен информира дека градоначалникот Живко Гошаревски разговарал со градоначаланичката на Битола, Наташа Петровска за надминување на проблемот.

- Проблемот наскоро ќе биде решен. Градоначалникот разговараше и со родителите на средношколците и им укажа дека ќе се надмине проблемот - соопшти Општина Ресен.

Доколку проблемот не биде решен родителите се закануваат со порадикални мерки.

Во наредниот период бесплатниот превоз на ученици во Битола ќе се врши од страна на носителите на дозвола на општински линиски превоз, по цени и начин утврден од советите на општините. Исто така, бесплатниот превоз на ученици на две или повеќе општини каде што има утврден возен ред во рамки на меѓуопштинскиот линиски превоз ќе се врши од страна на носителите на дозвола за меѓуопштински линиски превоз, по цени утврдени со превозниците, кои не можат да бидат повисоки од цените за останатите патници, информираат од општина Битола.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование