X
 04.10.2019 Култура

Новиот игран филм „Врба“ на Манчевски на 19 октомври премиерно во Рим

Светската премиера на новиот игран филм „Врба“ на Милчо Манчевски ќе се случи на Филмскиот фестивал во Рим, на 19 октомври. Ова ќе биде прв македонски филм што е селектиран во официјалната програма на 14. Римскиот фестивал, кој е најмладиот меѓу големите фестивали, каде што светски премиери досега имале многу оскаровци.

„Врба“ е во официјалната селекција меѓу 30-ина филма на фестивалот, заедно со најновото остварување на легендарниот Мартин Скорсезе „Ирецот“. Антонио Монда е уметнички директор на фестивалот, на чие огромно задоволство филмот „Врба“ беше селектиран во официјалната програма.

Наталија Теодосиева (лево) и Камка Тоциновски

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Филм за мајчинство, љубов и доверба. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се: Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

- По десет години, убаво е пак да снимам тука – во меѓувреме снимив филм во Њујорк, краток филм во Куба и уште еден во Њујорк. Овој пат искуството беше одлично оти имав поддршка во организацијата како никогаш досега. Овој пат работев со одлични продуценти, посветени, чесни, професионални. „Врба“ е приказна за три мајки, филм за лојалност, љубов, мајчинство и доверба - изјави Манчевски на прес-конференцијата.

Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето траеше два месеца, од крајот на октомври до првата половина на декември 2018 година, на различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје.
- Беше навистина сложено да се координираат сите земји копродуценти во филмот, но од друга страна и огромен предизвик. Филмот успеавме да го снимиме дури неколку дена пред предвиденото, тоа е адут дека се работеше крајно професионално и во тивка и беспрекорна атмосфера. Среќни сме што достоинствено ќе можеме земјава да ја претставиме пред светот на претстојниот Филмски фестивал во Рим - заклучи продуцентот Јане Ќортошев.


Сара Климоска

Од освојувањето на „Златниот лав“ во Венеција со „Пред дождот“ во 1994 година и номинацијата за најдобар странски филм на „Оскарите“ во 1995, Манчевски со своите филмови првпат за македонската кинематографија ги отвори вратите на најголемите фестивали како Санденс, Торонто, Токио, Берлин, Сао Пауло, Локарно, Шангај, Хонг Конг, Ерусалим, Палм Спрингс и десетици други...
Горјан Тозија, првиот човек на Агенција за филм, изјави:
- Филмот „Врба“ е континуитет на една успешна приказна која на нашата земја ѝ го донесе најголемиот успех. Милчо е македонскиот „билборд“ во светот. Самиот факт што филмот е селектиран на еден ваков престижен фестивал е одличен доказ за тоа.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура