„Секогаш се стремам да го дадам најдоброто од себе“, вели Марија Симоновска од Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје по добивањето на наградата „Инженерски прстен“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен“ на 14 најуспешни студенти, дипломци за годинава на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзитет во Тетово.
- Инженерскиот прстен е едно признание за мојот досегашен успех, вложениот труд и посветеноста во текот на студирањето. Ми носи и одговорност која ќе ја оправдам преку знаење и работа во областа на земјоделските науки - ги сподели Марија Симоновска своите впечатоци за Факултети.мк.
Отсекогаш ја привлекувала природата и начинот на кој функционира земјоделството.
- Ми се допаѓа што оваа област е практична и поврзана со нешто што е навистина важно за секојдневниот живот. Сметам дека е интересно да се разбере како се произведува храната, од каде доаѓа и колку земјоделството влијае врз нејзиниот квалитет. Тоа е област во која секој ден може да се научи нешто ново - истакна Симоновска.
За Марија, студирањето претставува многу значајно и убаво животно искуство во кое секогаш се стремела да го даде најдоброто од себе.
- Денес, кога гледам наназад, најмногу сум горда што не се откажав кога беше тешко и што секој предизвик го претворив во мотивација - вели Марија.
Преку практичната настава и различните факултетски задачи Марија и колегите имале можност да работат со податоци, да набљудуваат и да анализираат различни процеси, како и да применуваат дел од стекнатото теоретско знаење.
- Практичната работа ми помогна подобро да ја разберам областа на лозарството и винарството и да сфатам колку е важно знаењето од факултетот да се поврзе со реалните услови - истакна таа.
А во областа на лозарството и винарството освен практиката, важна е и теоријата во науката преку која се добива основното знаење за земјоделските процеси.
- Во земјоделството, теоријата е основата што ни го дава потребното знаење за растенијата, почвата, климатските услови, технологиите на производство и правилното управување со земјоделските процеси. Практиката, пак, е местото каде што тоа знаење навистина се применува и каде што се стекнува искуство.
Во лозарството и винарството не би можела да кажам дека едното е поважно од другото. Теоријата без практика останува само знаење, а практиката без теоретска основа тешко може да даде добар резултат. Особено во оваа област, каде што секоја година природните услови се различни, потребни се и знаење и искуство за да се донесат вистинските одлуки - образложи Симоновска.
Во моментов не е работно ангажирана затоа што ги продолжила своите академски активности запишувајќи се на втор циклус студии.
- Во иднина би сакала да работам на проекти поврзани со производството на здрава и квалитетна храна, но и со одржливо земјоделство. Би ми било интересно да учествувам во проекти каде што можам да научам нешто ново, да стекнам практично искуство и можеби да придонесам за подобар и поквалитетен начин на производство на храна - ги откри своите амбиции Марија и додаде дека во блиска иднина се гледа како успешна личност со стекнато многу знаење и искуство.
Фото: приватна архива