„Инженерот го претвора знаењето во практични решенија – создава конструкции, технологии и системи кои треба да бидат безбедни, функционални и корисни“, вели Антонио Томески од Градежниот факултет во Скопје по добивањето на наградата „Инженерски прстен“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им додели „Инженерски прстен“ на 14 најуспешни студенти, дипломци за годинава на инженерски факултети во рамките на универзитетите: „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, „Св. Климент Охридски“ во Битола, „Гоце Делчев“ во Штип и Државниот универзитет во Тетово.
- За мене, „Инженерскиот прстен“ претставува многу повеќе од признание за успешно завршено образование. Тој е симбол на преминот од студент во инженер и потсетник на одговорноста што ја носи оваа професија. Сметам дека неговото значење е големо, особено за еден штотуку дипломиран инженер затоа што претставува признание за вложениот труд, знаењето и годините поминати во образование. Во исто време, тој е и своевидно ветување дека знаењето што сме го стекнале ќе го користиме одговорно и професионално. Тој треба да биде потсетник дека со стекнувањето на титулата инженер не завршува учењето, туку започнува една нова професионална етапа во која од нас се очекуваат интегритет, одговорност и постојано усовршување - ги сподели Антонио Томевски своите импресии за Факултети.мк.
Тој вели дека студирањето на Градежен му било исполнето со многу предизвици и убави моменти, а тешкотиите му помогнале да изгради трпение и одговорност.
- Најголем впечаток ми оставија челичните конструкции бидејќи токму таму го пронајдов најголемиот интерес за инженерството и за практичната примена на знаењето. Не би рекол дека го барав совршенството во студиите. Поважно ми беше да го разберам она што го учам, да дадам максимум во моментот и постепено да напредувам. Факултетот и работата ме научија дека грешките се дел од процесот и дека најважно е од нив да извлечеме поука - вели тој.
За време на студиите Антонио бил вклучен во истражувањата што ги работела Катедрата за метални конструкции. Едно од тие истражувања било поврзано со неговата магистерска теза, со наслов „Аналитичко и експериментално истражување на затегнат аголник поврзан со завртки на едниот крак“. Покрај тоа, имал можност резултатите од истражувањата да ги презентира и преку објавување на неколку научно-стручни трудови.
-Теоријата е неопходна бидејќи без неа не можеме правилно да ги разбереме принципите според кои функционираат конструкциите. Сепак, сметам дека практиката е поважна бидејќи токму преку практичната работа знаењето од теоријата добива вистинска вредност. Практиката нè учи како да размислуваме, како да препознаеме проблем, да донесеме инженерска одлука и да најдеме соодветно решение. Затоа сметам дека теоријата е основата, но практиката е она што го гради инженерот - смета Томески.
Антонио во моментов е соработник на Катедрата за метални конструкции каде што е веќе четири години, а паралелно две години работи и во приватна компанија која се занимава со проектирање и изведба на челични конструкции.
- Во текот на овој период работев на повеќе проекти, а како позначајни би ги издвоил станицата за пречистување отпадни води за град Скопје, дистрибутивниот центар на ЛИДЛ Северна Македонија со површина од околу 62.000 m² и доградбата на објект за лесна фармацевтска индустрија за Алкалоид АД Скопје, како и голем број други индустриски објекти. На овие проекти работев со професорите од Катедрата за метални конструкции, проф. д-р Денис Поповски, проф. д-р Миле Партиков и другите соработници од катедрата - истакна Томески.
Градежништвото го привлекло затоа што сакал професија во која резултатот од неговата работа е нешто конкретно и трајно.
- Уште од почеток ми беше интересно како од идеја, преку проект и пресметки, се создава реална конструкција. Подоцна, преку студиите, особено ме привлече областа на челичните конструкции и сфатив дека токму таму сакам да се развивам - рече Томески и додаде кон што цели инженерот, односно научникот.
- И инженерот и научникот имаат заедничка цел – да придонесат за развојот на општеството и подобрување на животот на луѓето, но тоа го прават на различен начин. Научникот, пред сè, се стреми да го прошири знаењето и да открие нешто ново за светот што нè опкружува. Инженерот, пак, го претвора тоа знаење во практични решенија – создава конструкции, технологии и системи кои треба да бидат безбедни, функционални и корисни - објасни Антонио.
Тој смета дека млад градежен инженер може успешно да ја гради својата иднина во Македонија и самиот е личен пример за тоа.
- Иако одливот на млади кадри е реален проблем, мислам дека доколку имаме можност за професионален развој, работа на сериозни проекти и соодветно вреднување на знаењето и трудот, постојат добри услови младите инженери да останат тука. Јас лично сум пример дека може да се гради професионална кариера во Македонија, особено ако постојано се учи, се стекнува искуство и се прифаќаат нови предизвици. Би сакал своето знаење и искуство да ги вложувам токму тука и да придонесувам кон развојот на македонското градежништво - смета Томески.
Младиот градежен инженер во иднина би сакал да работи на големи и комплексни индустриски објекти, особено објекти со сложено машинство и специфични конструктивни барања.
- Ме привлекуваат проекти каде што челичната конструкција треба да се усогласи со машинската опрема и другите инсталации бидејќи бараат сериозен инженерски пристап, координација и наоѓање оптимални решенија. Токму ваквите проекти ги гледам како најголем предизвик и можност за понатамошно професионално усовршување. Во моментов се гледам таму каде што сум – како млад инженер кој учи, стекнува искуство и постепено се надградува преку работата на реални и комплексни проекти. Најважно ми е да продолжам да работам, да учам и да бидам подобар инженер од денес - истакна Антонио.
Фото: приватна архива