Работници од градската комунална служба ѝ помогнале на една жена во Италија од ѓубрето да го извлече добитното лотариско ливче вредно 1 милион евра, соопшти локалната компанија за управување со отпад во Апулија.
- Ливчето како по чудо остана цело откако работниците ги пребараа купчињата ѓубре во својот камион - изјави раководителот на компанијата САНБ од јужниот италијански регион Апулија, Роберто Никола Тоскано.
Тој објасни дека, кога добитничката во неделата отишла во локалната продавница за да го провери ливчето по извлекувањето, апаратот покажал дека ливчето е „неисплатливо“, бидејќи помалите продавачи можат да исплаќаат само помали добивки.
Жената, која сакала да остане анонимна, не сфатила дека освоила голем џекпот и го фрлила ливчето.
Кога се вратила дома од продавницата, член на семејството ѝ кажал дека нејзините броеви се извлечени како добитни, па веднаш се вратила во продавницата, каде што откриле дека ѓубрето веќе е земено од ѓубреџиите.
Добитничката го повикала Тоскано, по што вработените во компанијата успеале да го идентификуваат камионот за ѓубре во кој се наоѓало ливчето.
- Поради ризикот што го претставуваат потенцијално опасните материјали во отпадот, го однесоа возилото во специјализирана компанија опремена за таков вид пребарување - наведе Тоскано.
Работниците барале подолго од еден ден, наоѓајќи разни ливчиња.
- Меѓу нив беше и ливчет што го баравме, кој, како по чудо, останало цел - рече Тоскано.
Тој вели дека добитничката „заплакала од среќа“ кога ѝ кажал дека ливчето е пронајдено.
Сепак, барањето на ливчето имало цена. Бидејќи САНБ е јавно комунално претпријатие, дополнителните трошоци би паднале на товар на даночните обврзници. Затоа жената потпишала изјава дека ќе ги покрие сите дополнителни трошоци за пребарувањето - одлука што на крајот се исплатила, бидејќи успеала да го најде ливчето вредно 1 милион евра.
Извор:
The Guardian
Фото: Magnific