Последните десет години Дру ги поминал патувајќи низ целиот свет и споделувајќи ги своите авантури на неговиот јутјуб-профил, на кој има 5,7 милиони следбеници. Досега има собрано повеќе од една милијарда прегледи.
Во едно видео со наслов „Пет места каде што се чувствував најнебезбедно како патник“, американскиот блогер открива дека Могадиш, главниот град на Сомалија, е најлошото место што го посетил.
Опишувајќи го Могадиш како „бедно место“, Дру вели дека во градот нема правила и закони и таму дејствува огранокот на Ал Каеда, Ал Шабаб, што го прави многу страшно место за патување.
- Секогаш кога ќе го напуштите хотелот, мора да имате конвој напред и назад со четворица војници во панцири, со огромни АК-47 во рацете, кои прво мора да го испитаат просторот пред да тргнете - објаснува тој.
Другите четири града на листата се: Конакри (Гвинеја), Кандахар (Авганистан), Порт о Пренс (Хаити) и Триполи (Либија).
За Конакри вели дека му е најмалку омилено место во Западна Африка. Таму бил запрен од двајца полицајци по само десетина минути откако почнал да шета низ главниот град. Дополнително, градот го посетил за време на државен удар, па владеел целосен хаос и непријателска атмосфера.
За Кандахар, градот познат како родно место на талибанците во Авганистан, Дру рече дека изгледа како многу небезбедно место, опишувајќи големи комплекси со бодликава жица.
- Едноставно можете да ја почувствувате напнатоста во воздухот - објаснува тој додавајќи дека иако го привлекле впечатливите и традиционални пазари, постојано се вртел зад себе.
Главниот град на Хаити, Порт о Пренс, го нарекува тотален хаос. Таму, заедно со водич, влегол во област што била под контрола на банди, близу аеродромот, каде што му било кажано да ја тргне камерата.
- Морав да ги поткупам разбојниците што ја контролираа областа - раскажува тој.
Последната дестинација на листата на Бински е Триполи во Либија, која ја посетил во 2018 година.
- Слушнав дека последниве години е побезбедно, но во 2018 година заспав со звуците на бомби во хотелската соба - се присетува Дру.
Тој опишува како неговиот кревет буквално се тресел, но персоналот од хотелот го уверувал дека воопшто не е блиску.
- Слушнав дека денес е полесно да се патува во Либија и дека е поотворена, па се надевам дека повторно ќе ја посетам - додаде Бински.
Извор:
Nova.rs
Фото:
Wikipedia