X
 05.11.2017 Живот

Херман Хесе: Самоволието претставува задоволство

Не постои за никого друг пат за развој и исполнетост освен совршената претстава на сопственото битие. „Биди она што си“ е идеален закон и за младите луѓе не постои друг пат кој води до вистината и развојот.

Бидејќи тој пат е отежнат со многу морални и други препреки и бидејќи светот повеќе сака да бидеме прилагодени и слаби отколку самоволни, за секој човек кој е индивидуализиран над просекот, настанува животна борба. Тогаш секој мора да одлучи за самиот себе, според сопствените сили и потреби, колку ќе се подреди на конвенцијата или колку ќе и пркоси. Таму каде што ќе ги отфрли конвенциите и барањата на семејството, државата и заедницата, мора да знае дека тоа се случува на сопствена опасност. Не постои објективна мерка колку е способен некој да прифати опасност. Секое надминување на сопствената мерка мора да чини и не може неказнето да оди понатаму во самоволие, а ниту кон прилагодување.

Не треба да прашате: „Дали мојот начин и однос кон животот се правилни?“ – бидејќи не постои одговор на тоа прашање, секој начин е подеднакво добар, а тој е еден дел од животот. Повеќе треба да прашате: „Бидејќи сум таков, ги имам овие потреби и проблеми во себе, кои можеби другите ги немаат, што треба да направам за да го поднесам животот и да создадам нешто што е можеби поубаво од него?“ Одговорот на тоа прашање, доколку го слушате внатрешниот глас, ќе биде ваков: „Бидејќи си таков, не треба на другите бидејќи се различни да им завидуваш, ниту да ги презираш, не треба да прашуваш дали твојата суштина е правилна, туку да ја прифатиш својата душа и нејзините потреби, како што го прифаќаш своето тело, своето име, потекло, па треба да се поддржуваш дури и ако целиот свет е против тоа“.

Животот никогаш не е лесен, но не треба тоа да се прашуваме. Можеме да бидеме или разочарани, или да го направиме она што го прават наизглед здравите и способни, оние кои наизглед немаат проблеми и кои наизглед немаат душа: мораме да се обидеме да ја прифатиме својата природа како единствена правилна, на својата душа да и ги дадеме сите права. Ќе го прифатите она што вашата природа го дозволува, ни помалку ни повеќе. Не можеме да се промениме себеси. Но, треба да бидеме посилни за да го признаеме животот, па колку сме повеќе во согласност со својата внатрешност, толку ќе бидеме и со она што се случува надвор.

Како што будењето на духот, во Библијата е прикажано како грев (змијата во Рајот), така и процесот на настанување на човекот – индивидуалноста, борбата на поединецот со себе, додека станува личност издвојувајќи се од масата – секогаш од гледиштето на моралот се набљудува со недоверба. Не се грижам дали мојот став го потврдуваат теолози, дали го одобруваат или потврдуваат непознатите автори на Мојсиевите книги. Митовите од Библијата, како и сите други митови на човештвото, за нас се безначајни, се додека ние лично не можеме да ги протолкуваме на самите себе и нашето време. Кога ќе можеме тоа да го направиме, ќе ни бидат драгоцени.

Извадок од книгата „Самоволието претставува задоволство“ на Херман Хесе
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот