X
 06.02.2023 Живот

Повредени двајца македонски ученици во реонот зафатен со земјотресот во Турција

Повредени се двајца македонски ученици во земјотресот во Турција. Едниот ученик има скршеница, а другиот полесни повреди, информира Министерството за надворешни работи.

Во Југоисточна Турција, каде што утринава беше регистриран силен земјотрес, се наоѓаат вкупно девет македонски државјани, осум ученици и нивниот ментор кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Турција и не се во животна опасност.

- Нашите претставништва обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање - додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност - соопшти МНР.

Оттаму посочуваат дека досега нема информација за други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција.

- Нашите претставништва остануваат во континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција така и со наши граѓани кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен. По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции. Ја користиме можноста уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732, стои во информацијата од МНР.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот