06.08.2025
Живот
Учениците што се на подолго болничко лекување повеќе нема да губат настава
За да нема прекин на воспитно-образовниот процес на учениците кои имаат посериозни здравствени предизвици и се на болничко лекување повеќе од три недели, Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за здравство и Здружението САНО, кое им помага на децата заболени од канцер или други малигни и хронични болести, од септември воведува формално образование во здравствените установи. Зависно од здравствената состојба, ќе можат да се вклучат онлајн на наставата во својот клас, да се организира индивидуална настава или, пак, преку асинхрона комуникација да добиваат материјали и да ги решаваат домашните задачи.
Ова денес беше соопштено од страна на министерката за образование и наука Весна Јаневска, која заедно со министерот за здравство Азир Алиу и претседателката на САНО, Марија Вук, ја посети Клиниката за детски болести.
- Децата со сериозни здравствени предизвици најчесто се соочуваат и со дополнителни, образовни предизвици. За жал, на Детската клиника секогаш има дечиња кои се наоѓаат на подолготрајно лекување, поради што не можат да ја следат редовната настава. Но, за ова постои решение и новата Влада со поддршка од граѓанскиот сектор го дефинира и го уреди системски и отсега повеќе нема да биде како во минатото, кога всушност и постоеше една неправда, па би рекла и дискриминација кон децата со сериозни здравствени предизвици - рече Јаневска.