X
 06.09.2019 Култура

Филмот „Болка и слава“ на Алмодовар ќе го отвори јубилејното 40. издание на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

На 14 септември, новиот филм „Болка и слава“ на Педро Алмодовар ќе го отвори јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во Битола ќе пристигне и кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине, кој е лауреат на Златна камера 300 на 34. издание на фестивалот.

- Годинава, покрај големиот број кинематографери кои ќе бидат гости на фестивалот, ни доаѓа шпанскиот киематографер, кој е наш лауреат и прв соработник на Алмодовар, тоа е Хозе Луис Алкаине кој доаѓа заради филмот на отворањето, кој многу тешко го добивме и чест ми е што ова јубилејно 40. издание на Фестивалот го отвораме со ремек дело на Педро Алмодовар - изјави Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.

Амбасадорот на Кралството на Шпанија, Емилио Лоренцо Сера, изрази благодарност што Фестивалот одлучи да ја проследи траекторијата на 40-годишната работа на Алмодовар и неговиот соработник и пријател Алкаине.

manaki

На Фестивалот ќе гостува и познатиот режисер Фатих Акин, како и светски познатиот ирски драматург, режисер, сценарист и продуцент Џим Шеридан, кој на Фестивалот доаѓа како претставник на Европската филмска академија (ЕФА). Тој има шест номинации за „Оскар“ и е автор на филмови како „Моето лево стапало“ (1989), „Во името на таткото“ (1994), „Боксер“ и други.

- Големото име како Џим Шеридан покажува каков е односот на ЕФА кон нашиот фестивал кога како свој делегат за 40. издание го испраќаат големиот автор како што е Шеридан - рече Благој Куновски – Доре, кој е уметнички директор и селектор на Главната програма. Тој ја претстави годинашната селекција на филмови во конкуренција за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300.

џим
Џим Шеридан

- Времињата во кои светот ја препознава својата цивилизациска реалност, за жал, се оловно тешки од многу аспекти кои ја отсликуваат декаденцијата на човештвото. На тоа вистинските автори не можат да останат слепи и да ја кријат вистината под тепих. Во селекцијата Камера 300 природно морав да вклучам што повеќе филмови со таква, би рекол, експлозивна визуелна динамика што ги одразува и надградува идеите на сценаристите и режисерите. И како врв на задоволството за квалитетната селекција во Компетицијата Камера 300- е ремек делото, според мене моралниот победник во Кан - „Болка и слава“ - изјави Куновски.

Исто така, тој ги соопшти и имињата на овогодишното меѓународно жири во чиј состав се Едвард Лакман (САД), Ненад Дукиќ (Србија), Доминик Велински (Франција), Калојан Божилов (Бугарија) и Фејми Даут (Р. С. Македонија).

Директорката на Центарот за култура – Битола, Маја Андоновска Илијевски рече дека приказната за Битола и за Центарот за култура не би била комплетна без фестивалот „Браќа Манаки“.

- Се радувам што веќе технчки и екипирани и подготвени за да широко ги отвориме вратите за 40-тото издание на Фестивалот. Ние како Центар за култура оваа година прославуваме 39 години постоење и ќе славиме уште многу заеднички години. Киното во Центарот за култура е второ по број на посетители во државата, така што како домаќин на фестивалот ги поканувам Битолчани да го оправдаат реномето на филмски град - изјави таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура