X
 06.10.2020 Образование

МОН: Околу 80% од учениците успешно ја следат онлајн-наставата

Од почетокот на учебната година бројот на учениците што следат онлајн-настава е зголемен за околу 10%. За нецела недела околу 80% од учениците во средните и во основните училишта успешно се приклучија кон онлајн-наставата, а овој процент од стартот на годината постојано се зголемува, информираат од Министерството за образование и наука - МОН.

- Останатите, ученици и наставници во основно и во средно образование, пријавиле дека имаат тешкотии при вклучувањето во онлајн-наставата, а како најчеста причина ги посочуваат лошата интернет-конекција или немањето уреди. МОН е во координација со градоначалниците, локалните самоуправи и директорите на училиштата и се работи на надминување на овие предизвици - велат оттаму.

Министерството оценува дека моделот за онлајн-настава се покажа функционален и успешен, а наставниците и учениците се задоволни од тоа како се одвива наставата од далечина.
- Апелираме до сите оние што ја бојкотираат наставата дека секој изгубен ден од учењето е на директна штета на децата. Сите ученици мора да ја почнат учебната година и најважно од сѐ е образовниот процес да продолжи - велат од МОН.

Оттаму информираат и дека над 98% од учениците од 1. до 3. одделение следат настава со физичко присуство во училиштата, а помалку од 2 проценти учат од далечина. За учениците што немаат уреди за онлајн-учење, а сепак треба да учат на далечина успешно се емитуваат 15-минутни часови на телевизија преку националната радио-телевизија.

- Исто така, наставниците имаат обврска да им печатат материјали и редовно да им ги доставуваат, но и да бидат во постојана комуникација со нив и нивните семејства за да го следат совладувањето на наставниот материјал - велат од МОН.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование