Најпрво беше избрана за талент на УКЛО, па за најдобар студент на Техничкиот факултет во Битола, моменти кои ќе останат меѓу најзначајните во нејзиното студирање. Катерина Стојкоска вели дека тогаш почувствувала дека трудот и посветеноста навистина се препознаени и наградени. Годинава следуваше и признанието „Инженерски прстен“, со што таа се вброи меѓу 14 најдобри студенти на инженерските факултети на државните универзитети во Македонија.
Редовно присуство на предавања и фаќање белешки
- Факултетот го завршив во предвидениот рок, со просек 9,38, на отсекот Графичко инженерство и дизајн. За испитите најмногу ми помогна присуството на предавања и редовното водење белешки, бидејќи тоа го правеше учењето многу полесно. Со добра организација и посветеност резултатите доаѓаа природно. Пресудни беа дисциплината, истрајноста и љубопитноста. Кога човек верува во тоа што го учи, посветеноста доаѓа сама по себе - вели Стојкоска.
Интересот за графички дизајн ѝ се јавил уште за време на средното образование, кога сфатила дека нејзината силна страна е креативноста.
- Графичкиот дизајн ми овозможи да ја претворам таа креативност во нешто практично и технички предизвикувачко. Тоа беше моментот кој ме насочи кон оваа област и ме доведе до одлуката да студирам на Техничкиот факултет во Битола – избор за кој денес сум сигурна дека беше вистинскиот - додава таа.
Учесник во Алијансата КОЛОРС
Како голема предност на факултетот на кој дипломира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги споменува стручноста и посветеноста на професорите, како и пријатната средина која овозможува блиска соработка со колегите. Како слабост ја издвојува потребата за повеќе можности за меѓународна размена како дополнителен поттик за студентите.
- Еден од најзначајните проекти додека студирав беше учеството во Алијансата КОЛОРС. Работев на редизајнот на „Универзитетски глас“ како технички уредник и сум дел од создавањето на „Студентскиот магазин УКЛО КОЛОРС“, и многу други проекти каде што сѐ уште сум вклучена, а кои се поврзани најмногу со дизајн. Ова искуство ми овозможи практично да ја применам теоријата и да стекнам чувство за тимска работа и одговорност - вели Стојкоска.
Во инженерството не постојат граници
Моментално е постдипломка на Техничкиот факултет во Битола, на отсекот Графичко инженерство и дизајн, а воедно и демонстратор.
- Сакам да продолжам да се развивам во областа на графичкиот дизајн. Сметам дека „Инженерскиот прстен” е големо достигнување, но не и крајна цел, секогаш треба да се стремиме кон уште поголеми успеси бидејќи во инженерството не постојат граници. Признанието „Инженерски прстен“ нуди различни перспективи кои ќе ни помогнат за понатамошен професионален развој - нагласува Стојкоска.
Младите да имаат доволно услови да ја градат иднината тука
На прашањето колку државата ги вреднува и им помага на квалитетните студенти, таа одговара дека постојат стипендии и програми за поддршка, но секогаш има простор за подобрување, особено во делот на практичните можности и вклучувањето во реални проекти.
- Верувам дека е важно младите да имаат доволно мотивација и услови да ја градат својата иднина тука бидејќи и овде може да се постигнат многу големи успеси и да се надградуваат - заклучува Стојкоска.
Фото: приватна архива