X
 07.02.2020 Живот

Ова е најскапата земја за живот за 2020 година

Швајцарија е рангирана како најскапа земја во светот врз основа на животните трошоци за 2020 година.

Листата, составена од бизнис-магазинот „Си-и-о ворлд“, рангира 132 држави според трошоците за живот врз основа на податоците од низа истражувања и медиуми.

Параметрите опфатени со анализа вклучуваат сместување, облека, цени за такси, комунални услуги, интернет, цена на намирници, транспорт и јадење во ресторани. Податоците биле искористени за да се оформи оцена за секоја земја во рамките на пет категории: цена на живот, кирија, намирници, јадење во ресторани и куповна моќ.
Категориите добиле вредност користејќи го Њујорк како контрола: ако една земја има оцена над 100, тогаш е поскапа од Њујорк.

Три земји имаа највисоки оцени: Швајцарија (122,4), Норвешка (101,43) и Исланд (100,48). Јапонија се најде на 4. место, додека Данска на 5. место. Македонија се најде на 113. место од вкупно 132 земји, со оцена 31,59.

Од скандинавските земји, Шведска е најевтина со 69,85 поени и се најде на 23. место.

Велика Британија се најде на 27. место (67,28), Ирска на 13. место (75,91), САД на 20. место (71,05), Канада на 24. место (67,62) и Австралија на 16. место (73,54).

На последно место се најде Пакистан со оцена од 21,98.

Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот