X
 07.02.2026 Здравје

Дали навистина треба да пиеме два литри вода дневно?

Советот кој толку често го слушаме - дека треба да се пијат околу два литри вода дневно, постои со децении и често се зема како универзално правило за здрав живот. Сепак, на многу луѓе им е тешко да се придржуваат до него, а за некои е речиси незамисливо да го заменат утринското кафе со голема количина вода. Сепак, се поставува прашањето - дали ова правило се базира на наука?

Препораката да се пијат приближно 2 литри вода дневно датира од 1945 година, кога Националниот одбор за храна и исхрана на САД истакнал дека ова е потребата на просечен возрасен човек. Она што често се занемарува е фактот дека истата препорака јасно нагласува оти значителен дел од оваа количина се консумира преку храна, а не исклучиво преку пиење вода.

Истражувањата покажуваат дека потребите за вода варираат од човек до човек, во зависност од телесната тежина и метаболизмот. Тука е и физичката активност - активните луѓе губат повеќе вода преку потење и треба да ја надоместат. Постои и фактор како што е климата - логично е дека во потоплите региони или посуви услови на телото му требаат повеќе течности и храна, а ако јадеме многу овошје, зеленчук и супи, внесуваме вода преку нив. Се чини дека нема точни податоци бидејќи количините се индивидуални, а експертите велат дека телото самото ни кажува колку вода му е потребно. Тие сугерираат дека треба да пиеме вода - кога чувствуваме жед.


Студија од 2002 година објавена во Американскиот журнал за физиологија покажала дека нема научни докази оти е потребно да се пијат 8 чаши вода дневно. Студија од 2010 година, пак, истакнува дека здравите луѓе можат да го регулираат внесот на вода врз основа на жедта, освен во специфични ситуации (постари лица, спортисти, бремени жени).

Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) препорачува жените да пијат околу 2 литри течност, а мажите 2,5 литри, но ова вклучува и вода од храна и други пијалаци.

Извор: avaz.ba

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје