X
 07.04.2022 Живот

Администрацијата излезе на двочасовен штрајк пред институциите

Помлад соработник во 2012 г. земал 20.000 денари плата, а сега зема 22.000 денари. Надлежните треба да знаат дека вработените во администрацијата се крајно незадоволни, рече Трпе Деановски, претседател на УПОЗ

Вработени во државната управа и во правосудството денеска излегоа на двочасовен штрајк од 10 до 12 часот како предупредување до Владата затоа што се незадоволни од односот на власта, односно од неприфаќањето на барањето за зголемување на платите. Двочасовен штрајк ќе има и утре, како предупредување за можноста за генерален штрајк. 

Од УПОЗ велат дека врз одредени синдикални организации имало притисоци со порака да не се излегува на штрајкот, додека синдикалците порачаа дека ниту еден вработен не смее да биде казнет.

Трпе Деановски, претседател на УПОЗ, и Љубиша Јовановски, претседател на синдикалната организација на Катастар, во изјавата за медиумите рекоа дека пред повеќето институции од правосудството, управата, агенциите, министерствата, излегоа вработените кои на тој начин го изразуваат незадоволството затоа што не се почитува минималната плата.

- Уште има вработени што примаат под минималната плата, а нашето барање е секој работник да ја добие својата законска плата, минималната плата да важи и за овие вработени, а платите да бидат линеарно зголемени за 2.806 денари. Секоја година се зголемува просечната плата до 5 проценти, минималната плата сега е зголемена за близу 3.000 денари, само нашите вработени немаат добиено ништо. Помлад соработник во 2012 година земал 20.000 денари плата, а сега зема 22.000 денари. Надлежните треба да знаат дека вработените во администрацијата се крајно незадоволни - рече Деановски и нагласи дека по утрешниот ден ќе биде одлучено како да се постапува понатаму.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот