X
 08.07.2018 Наша тема

Виолета Карајанова, наградувана балерина: Пропуштам дружба поради вежби или претстава, ама не жалам – среќна сум на сцена!

Самодисциплината и посветеноста се најважни – вели матурантката од Гевгелија, која сонува еден ден да ја игра Жизел




Таа е една од најдобрите млади балерини што годинава го завршија своето средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Токму како круна на успесите, Виолета Карајанова доби Гран при на меѓународниот натпревар „Икс денс“ за pas de deux-то од балетот „Арлекинада“ што го одигра со партнерот Ендру Кук. Таа заврши во класата на проф.Соња Здравкова-Џепароска. Вели дека вредно работеле, а доказ за тоа се многубројните меѓународни награди и признанија, како што се две први и едно второ место на меѓународни натпревари.

Виолета во своите почетоци

Нејзините ангажмани не стивнуваат. Пред една недела заедно со ансамблот на Македонската опера и балет и солисти од Болшој театарот од Москва настапи во Пловдив во балетот „Лебедово езеро“. На 3 јули се случи и премиерата на претставата „Метаморфоза“ на кореографката Ивана Коцевска, во која игра и Виолета.


„Најнадежна млада балерина“ на 13 години

Првите чекори во балетската уметност оваа гевгеличанка ги направила токму во својот град, во Музичкото училиште „Васо Карајанов“, кое годинава одбележува 40-годишнина. Со часови по балет почнала на 10 години, наивно, за да се дружи со своите другарки, ама многу брзо балетот ѝ станал љубов.

- Многу брзо балетот ми стана инспирација, па со нетрпение очекував да дојде наредниот час, наредниот настап на сцена. На 13 години на меѓународен натпревар во Струга ја освоив наградата „Најнадежна млада балерина“ и бев поканета да следам часови во ДМБУЦ во Скопје, за потоа и да настапам со варијација на завршниот концерт на училиштето во Македонската опера и балет – вели матурантката.

Фото: Сашо Стојановски

Балетската насока во музичкото училиште во Гевгелија постои од 1995 година. Виолета нема никогаш да ги заборави своите наставнички Јасна Ризова и Виолета Чокова.


- Балетското училиште е многу важно за секоја балерина бидејќи таму ги учиме основните балетски движења, а од ОМУ „Васо Карајанов“ сум презадоволна, од знаењето што го стекнав и од моите наставнички, кои успешно ме внесоа во светот на балетот и ме поддржаа и мотивираа да продолжам со оваа уметност. Има многу педагози што се заслужни за моето досегашно образование и што имаат удел во успехот што досега го постигнав. Најблагодарна сум ѝ на мојата менторка проф.Соња Здравкова-Џепароска за комплетната поддршка. Им благодарам и на сите професори од средното училиште, како и на репетиторите, кореографите и педагозите од МОБ со кои сум соработувала – истакнува Виолета.

Виолета на настап во Пионерскиот дом во Гевгелија




Самодисциплината и посветноста се најважни

Чувството кога си на сцена, возбудата и добиениот аплауз по успешно изведената кореографија се задоволство на секој балетски играч. По секојдневните макотрпни и напорни проби, тие неколку минути на сцена се круна на тој труд – категорична е младата балерина.
Многу труд и напор секојдневно, концентрација и учење, усовршување на сите потези до детали, за што треба да бидеме психички и физички подготвени – тоа е секојдневието на младите балерини.
Самодисциплината и посветеноста се најважни, додава Карајанова.

- Затоа, често ми се случува да задоцнам или целосно да пропуштам родендени, прослави и разни дружења, затоа што сум на вежби или на претстава, но тоа не ми пречи бидејќи сум фокусирана на балетот и задоволство ми се постигнатите резултати – вели таа.

Наградениот настап на X Dance, Виолета со танчарот Ендрју Кук (фото: Сашо Стојановски)

Виолета се радува што интересот на младите за балетот расте.
- За уште подобра едукација и следење на светските трендови, покрај балетските часови, неопходно е да се посетуваат разни натпревари и семинари што се одржуваат и кај нас и во странство за да се изградиме како играчи и да се видиме кај сме.

Карајанова има многу соништа, ама едно е сигурно, дека сака да се запише на Факултетот за музичка уметност, насока Балетска педагогија.
Затоа што соништата им се остваруваат на оние што сонуваат, Факултети.мк ѝ посакува да ѝ се исполни желбата - еден ден да ја одигра улогата на Жизел.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема