X
 08.08.2025 Технологија

„Гугл“ ја претстави новата алатка со вештачка интелигенција што ќе го промени начинот на пребарување на интернет

Вештачката интелигенција радикално го промени начинот на кој корисниците пребаруваат на интернет.

Оваа промена се покажа како доста корисна за самите корисници, но истовремено ги доведе до очај сопствениците на интернет-страници и веб-пребарувачи, на кои значително им е намален бројот на прегледи и посети. Имено, наместо одговорите на прашањата да ги бараат преку различни веб-страници, денес корисниците едноставно поставуваат прашање до некој чет-бот и добиваат брз и директен одговор.

Најпопуларен таков чет-бот е, секако, „Чет-ГПТ“, а имајќи предвид дека главниот производ на „Гугл“ е токму неговиот пребарувач, компанијата мораше да реагира и да претстави сопствени решенија базирани на вештачка интелигенција. Освен чет-ботот „Џеминај“, компанијата започна и со тестирања на вештачка интелигенција за пребарување, а оваа технологија ја вметна и во класичното пребарување преку опцијата „АИ оувервјус“.

Станува збор за краток одговор на пребарувањето што се појавува на врвот од страницата со резултати, и се покажа дека на многумина токму тој одговор им е доволен. Според едно неодамнешно истражување, кај пребарувањата каде што се појавува преглед на вештачка интелигенција на одговорот значително е помала веројатноста дека корисниците ќе кликнат на линковите кои се прикажуваат под прегледот и кои водат кон веб-страници со повеќе информации за она што ги интересира.

Неодамна „Гугл“ најави уште една опција за својот пребарувач, која исто така е базирана на вештачка интелигенција. Станува збор за засега експериментална опција наречена „Веб-гајд“, која е базирана на „Џеминај“ и има цел да им го олесни пребарувањето на корисниците, односно да овозможи полесно добивање релевантни резултати.

Не е достапна за сите


На блогот на „Гугл“ беше објаснето како функционира оваа алатка, користејќи го примерот на пребарувањето „како да патувам сам низ Јапонија“. Наместо да ги прикаже сите резултати еден под друг, како досега, „Веб-гајд“ ќе ги групира резултатите во различни категории за корисниците полесно да го најдат токму она што ги интересира. Прикажани беа категории како „Сеопфатен водич за самостојни патувања низ Јапонија“, „Лични искуства и совети од патници што патуваат сами“ и „Препораки за безбедност и дестинации“.

Во зависност од тоа која категорија го интересира корисникот, можно е да се прикажат повеќе резултати поврзани со таа конкретна тема. Исто така, се чини дека и на врвот од овие категории ќе се прикажуваат резимирани одговори од вештачката интелигенција, кои треба да помогнат во процесот на пребарување.

Оваа опција засега е достапна само за корисници на „Срч лебс“, кои сакаат меѓу првите да ги испробаат експерименталните функции на „Гугл“. Со оглед на тоа дека вештачката интелигенција станува сè поприсутна и во пребарувањето, се очекува со текот на времето оваа опција да стане достапна за сите корисници.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија