„Опен АИ“ објави дека „Чет-ГПТ“ отсега ќе ги потсетува корисниците да направат пауза доколку се најдат во особено долг разговор со вештачката интелигенција. Оваа нова функција е дел од континуираните напори на компанијата да ги поттикне корисниците да развијат поздрав однос со често попустливиот и претерано охрабрувачки асистент на вештачката интелигенција.
Во објавата на компанијата се наведува дека ваквите суптилни потсетници ќе се појавуваат како прозорчиња во разговорите, на кои корисниците ќе треба да кликнат или да ги допрат за да продолжат со користење на „Чет-ГПТ“. На пример, една ваква порака ќе гласи: - Само проверуваме. Веќе некое време разговарате. Дали можеби е време за пауза?
Овој систем потсетува на известувањата што ги прикажуваат некои игри за „Нинтендо вии“ и „Свич“ кога се игра подолго време, но во случајот со „Чет-ГПТ“ постои и една посериозна причина.
Имено, способноста на вештачката интелигенција постојано да се согласува и понекогаш да „халуцинира“ неточни или опасни информации доведе некои корисници до мрачни мисли, вклучително и самоубиствени. Некои од тие корисници веќе имале историја на ментални нарушувања, но чет-ботот сепак реагирал лошо и не успеал доследно да прекине нездрави разговори.
Корисниците да проверат дали одговорите на „Чет-ГПТ“ се точни
„Опен АИ“ ги признава овие недостатоци во својата блог-објава и најавува дека во иднина „Чет-ГПТ“ ќе се ажурира за повнимателно да одговара на одлуки од големо лично значење.
Наместо да дава директни одговори, компанијата вели дека чет-ботот ќе им помага на корисниците да размислат за проблемите, ќе поставува прашања и ќе ги наведува добрите и лошите страни.
„Опен АИ“ очигледно сака „Чет-ГПТ“ да биде корисен, охрабрувачки и пријатен за користење, но лесно е да се замисли дека тие карактеристики можат да доведат до вештачка интелигенција која премногу им подлегнува на желбите на корисникот.
Во април компанијата беше принудена да повлече едно ажурирање за „Чет-ГПТ“ бидејќи чет-ботот почна да дава одговори што беа нападни и претерано согласни.
Правењето паузи при користење на „Чет-ГПТ“, како и дозволувањето вештачката интелигенција да извршува задачи без активна вклученост од корисникот, може да ги направи ваквите проблеми помалку забележливи. Или барем ќе им даде време на корисниците да проверат дали одговорите на „Чет-ГПТ“ се точни.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik
6yka.com