X
 08.10.2025 Образование

Информативен билтен на менаџментот на УКЛО КОЛОРС - иновации и импулси

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, активно чекори по патот на трансформација и европска коеволуција, промовирајќи нови академски, истражувачки и општествени вредности.

Менаџерскиот тим на Алијансата КОЛОРС за УКЛО, предводен од проф. д-р Јове Д. Талевски, раководител и проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, академска раководителка, подготви специјализиран информатор – билтен што ги обединува и документира најважните новитети, иновации и импулси што произлегуваат од дејствувањето на УКЛО во рамките на оваа визионерска европска иницијатива.

Според Талевски и Петревска-Нечкоска, да се биде дел од Европска универзитетска алијанса КОЛОРС не е само проект, туку стратегиски, повеќедимензионален и долгорочен процес, кој ги засега сите структури на универзитетот – академски кадар, истражувачи, студенти, административни служби, како и локалниот и националниот контекст, при тоа нераскинливо поврзан со европските партнери и политики на Европската комисија.

Овој информативен билтен има цел: да ги документира и промовира тековните активности во рамките на УКЛО КОЛОРС, да ги информира сите чинители на УКЛО за можностите за вклучување и да инспирира за понатамошен развој на европската димензија во високото образование.

Сите изданија на информаторот ќе бидат дигитално достапни и ќе претставуваат „жива архива“ на европската патека на УКЛО. Преку него, низ сите отворени повици за активирање, студентите, наставниот кадар и соработниците се повикани да се приклучат во оваа колоритна и динамична траекторија на коеволуција, во духот на заедничкото градење на универзитетот на иднината, нагласува академската раководителка, проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска. Работењето во Алијанса е комплексно, предизвикувачко, тешко, но и прогресивно, и претставува академски начин како да се издигне македонскиот квалитет на студенти, кадри и соработници да биде видлив и на европско ниво, бидејќи постои и се гради, но на овој начин може и да биде видлив и да генерира циклус на компарација, мотивација и верба во себе. Информаторот претставува само портал преку чии тастери се влегува подлабоко во најразличните делови на универзумот на европските алијанси, а секој од нив повикува на акција и соработка, преку скратеницата (shortcut) - вклучете се!

УКЛО е првиот македонски универзитет кој стана дел од Европските универзитетски алијанси, преку рамноправно партнерство во Европската универзитетска алијанса КОЛОРС од 1 јануари 2024 година и продолжува со посилен интензитет, на пат кон градење европски Универзитет на иднината, пат за европска диплома - од својата држава, од дома.

Погледнете го првиот информативен билтен на менаџментот на УКЛО КОЛОРС ТУКА.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование