X
 14.11.2022 Образование

Отворен Студентски информативен центар на УКЛО

Студентите на УКЛО добија свој Студентски информативен центар, прв од ваков вид на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола.

uklo

Благодарност од име на студентите изрази Симона Наумовска, лидер на УКЛО УСС, затоа што студентите добиваат свое катче каде што ќе може да се организираат, дејствуваат и да творат. Таа нагласува дека Центарот ќе биде точка за поврзување на многу студенти со различни, слични и исти интереси и ќе нуди широк спектар на активности, како што се: едукација преку работилници, обуки, тренинзи, конференции, натпревари, разни настани од забавен карактер и сл.

1

2

Студентите на УКЛО сметаат дека Центарот треба да прерасне во еден вид жариште каде што студентските идеи ќе се испреплетат и сплотат, ќе го подобрат студентското живеење надвор од факултетските аули и предавални.

На отворањето на Центарот, покрај студенти, академски кадар и вработени на УКЛО, присуствуваа и претставници од јавниот и политичкиот живот, меѓу кои министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

3

Инаку, пригодната свеченост започна со сечење лента од страна на ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, и министерката за култура. Ректорот во изјава за медиумите рече дека Студентскиот информативен центар ќе биде место каде што студентите ќе доаѓаат и ќе одат, но и повторно ќе се враќаат како негови алумнисти. Тој истакна дека отворањето на Центарот на 10 ноември, Светскиот ден на науката, не е случајно, бидејќи науката и уметноста прават кохезија и во СИЦ ќе се развива љубовта и кон науката и кон уметноста.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска нагласи дека ѝ е драго што студентите на УКЛО конечно добија свое катче каде што ќе можат да учат, да се дружат, да разменуваат практики и му честита на новото раководство на УКЛО дека првата поголема задача ја посветија токму на студентите.

- Тука сме да ја искажеме заедничката соработка меѓу Универзитетот и Општината, да продолжиме во насока на зближување, организирање нови настани, реализирање нови идеи - изјави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој воедно ја изрази подготвеноста на Општината за поддршка на науката и младите.

4

Во рамките на презентацијата на Центарот, проректорката за студентски работи, проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, истакна дека тој е осмислен во содејство со студентите како повеќенаменски простор за дружење, место за размена на идеи, работилници, обуки, за развивање креативни пристапи почнувајќи од едукација, па до социјална и културна надградба. Верувам дека нашите студенти со својот ентузијазам, во соработка со нас како професори, со останатите универзитети, со средношколците, стопанството, ќе дадат душа на овој простор и приказната ќе продолжува да се развива.

5

Од УКЛО нагласуваат дека СИЦ е во комплетна служба на сите студенти на УКЛО, со него добиваат на располагање соодветен простор кој има потенцијал да прерасне во средиште за идејност, содржински средби и разговори, за сите видови наставни и воннаставни активности, работилници, клубови, конференциски средби, за сето она што ќе поттикнува и внесува академска исполнетост на студентското живеење.

Студентскиот информативен центар е прв од ваков вид на УКЛО. Во неговите простории е сместена читалница, библиотека со над 1.200 книги и стручна литература, студентска станица и простор за истражувачки активности и место во кое ќе дејствува и Универзитетското студентско собрание на УКЛО.

6

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование