X
 09.02.2023 Наша тема

Горно Врановци - село со пет музеи и престолнина на Народноослободителната борба

Главниот град Скопје има осум музеи, а малото сокриено село во подножјето на Јакупица, Горно Врановци, има дури пет музеи иако е 200 пати помало од македонската престолнина.

Неговата местоположба, затскриено во пазувите на висока планина во централна Македонија, била клучна да се испише историјата на македонската држава и слободата на македонскиот народ за време на Народноослободителната борба, а Горно Врановци да стане престолнина на општествено-политичкото и военото дејствување во текот на Втората светска војна.



- Горно Врановци само по себе претставува музеј на отворено. Изборот на ова село за средиште на општествено-политичкото и воено раководство на Народноослободителната борба на Македонија произлегол од неговата погодна геополитичка положба. Секако дека Горно Врановци е погодно за музејски туризам – истакна директорот на ЛУ Народен музеј - Велес, Ангел Коруновски.



Партизанските одреди од Велешко, Скопско и Прилепско, користејќи ја предноста на планинскиот терен кој добро го познавале, релативно брзо создале слободна територија со седиште во Горно Врановци, каде што биле сместени неколку институции кои ја воделе Народноослободителната борба: Президиумот на АСНОМ, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на НОБ и разузнавачката служба ОЗНА.
Куќите каде што биле сместени овие институции денес се спомен-музеи.

- Денес во куќите се наоѓаат Меморијален музеј Президиум на АСНОМ, Меморијален музеј ЦК КП на Македонија, Меморијален музеј Главен штаб на НОВ и ПО на Македонија, како и Меморијален музеј Партизанска печатница „Гоце Делчев“. Сите музеи изобилуваат со документи, фотографии и артефакти. Музеите се во задоволителна состојба. За нив се грижи ЛУ Народен музеј - Велес, нивното одржување е тековно, а има одговорно лице кое е задолжено за нивно одржување. Некогаш има потреба од дополнителна финансиска помош од Министерството за култура, која ја добиваме врз основа на изготвен проект –вели директорот Коруновски.



Музеите се поделени на соби кои содржат документи, фотографии, неколку парчиња старо оружје и многу приказни. До нив се наоѓа и петтиот музеј, односно печатницата во која бил испечатен првиот број на весникот „Нова Македонија“, на 29 октомври 1944 година. Во овој музеј се наоѓа голема и тешка печатарска машина која партизаните успеале да ја сокријат и да ја пренесат од Скопје до Горно Врановци.



Но, иако е на само половина час возење од Велес или еден час од Скопје, Горно Врановци како единствено село-музеј во Македонија нема туристички потенцијал, нема сериозна промоција и сместувачки капацитети, каков што бил хотелот „Врановци“ изграден во 1986 година. Овој хотел две децении ги пречекувал учениците и работниците од велешките јавни претпријатија, а денес ретки се и ученичките екскурзии.



- Музеите во Горно Врановци се мали, но од огромно значење за општините Чашка, Велес и за целата земја. Екскурзии сѐ поретко се организираат иако мислам дека тоа е многу потребно за правилен развој и едукација на учениците, студентите и општо за посетителите. Мое мислење е дека треба да има што повеќе екскурзии во образовниот систем поради нивниот едукативен карактер, посетите се врежуваат во нашата меморија поради нивниот забавен карактер, а, исто така и визуелното спознавање е многу долготрајно, па со тоа имаме едно темелно учење на историјата - додава директорот на Народниот музеј во Велес.

Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема