Кога ќе ја гушнете вашата мачка, во вашиот мозок, но и во нејзиниот, се ослободува окситоцин - хормонот на љубовта.
Иако мачките важат за независни суштества, новите истражувања покажуваат дека меѓу нив и луѓето постои длабока биохемиска врска, поттикната токму од овој хормон.
Окситоцинот е истата супстанција што се лачи кога мајката го гушка своето бебе или кога пријатели се прегрнуваат, создавајќи чувство на доверба и приврзаност. Истражувањата покажуваат дека истиот процес се одвива и помеѓу мачките и нивните сопственици.
Овој хормон игра клучна улога во социјалното поврзување, регулирањето на стресот и создавањето доверба кај луѓето и многу животни. Во експеримент од 2005 година било покажано дека под дејство на окситоцин луѓето повеќе им веруваат на другите.
Окситоцинот има и смирувачко дејство бидејќи го потиснува кортизолот, хормонот на стресот, и го активира парасимпатичкиот нервен систем, кој му помага на телото да се опушти.
Научниците одамна знаат дека пријателските интеракции меѓу кучињата и нивните сопственици предизвикуваат зголемено лачење на окситоцин кај двете страни. Но, дури неодамна почна да се истражува дали истото важи и за мачките.
Иако тие се посуптилни во изразувањето на љубовта, сопствениците често сведочат за истите чувства на смиреност и блискост како и љубителите на кучиња, а науката сè повеќе го потврдува тоа.
Во истражување спроведено во Јапонија во 2021 година било утврдено дека кратки сесии на галење со мачки ги зголемуваат нивоата на окситоцин кај многу сопственици. Жените што неколку минути нежно ги галеле своите мачки покажале значително повисок окситоцин во плунката.
Многумина чувствуваат дека галењето на мачка што преде ги смирува и тоа не е само поради мекото крзно. Истражувањата покажуваат дека допирот и звукот на предењето го активираат ослободувањето на окситоцин во мозокот, што ја намалува количината на кортизол и може да помогне за ублажување болка.
Најновите истражувања откриваат дека нежниот физички контакт е главниот предизвикувач.
Истражување од февруари 2025 година покажа дека при опуштено галење и гушкање, и сопственикот и мачката имаат зголемено ниво на окситоцин, но само ако интеракцијата не е наметната.
Кога мачката сама бара контакт и седнува во скутот или нè турка со главата, лачењето на окситоцин е најсилно. Колку повеќе време поминува покрај човекот, толку е поголем ефектот.
Кај постојано вознемирените или дистанцирани мачки реакцијата е поинаква. Мачките што избегнуваат физички контакт не покажуваат промена во нивото на хормонот, а кај анксиозните мачки окситоцинот дури може да опадне по присилно галење. Тоа покажува дека заемната доверба е клучна за природното создавање на „хормонот на љубовта“.
Затоа, следниот пат кога вашата мачка ќе ве погледне со бавно трепкање или ќе ви седне во скутот, треба да знаете дека се случува нешто повеќе од обична наклонетост - окситоцинот тивко ја поврзува вашата биологија со нејзината, поттикнувајќи доверба, смиреност и топлина што само вистински љубител на мачки може да ја разбере.
Извор:
Livescience.com
Фото: Freepik