X
 10.02.2020 Технологија

Славни личности што го напуштиле „Фејсбук“ поради грижа за приватноста

Писателот Стивен Кинг неодамна го избриша својот фејсбук-профил поради загриженост за заштитата на приватноста на корисниците. Но, тој не е првата позната личност што се одлучи да ја напушти оваа социјална мрежа. 

Брајан Ектон, основач на „Вацап“ 

Брајан Ектон го напушти „Фејсбук“ веднаш по скандалот со „Кембриџ аналитика“. Тој ја напушти мрежата бидејќи Марк Закерберг и компанијата сакале да продаваат реклами на платформата „Вацап“, која беше купена од страна на мрежата за над 20 милијарди долари. 

Шер, пејачка 

Шер го избриша својот фејсбук-профил во март 2018 година. Подоцна изјавила дека компаниите како „Гугл“ и „Фејсбук“ се грижат само за парите. Пејачката изјавила и дека нема да го користи „Гугл“, но продолжува да користи „Твитер“. 

Илон Маск, претприемач 

Главата на „Тесла“ и „Спејс-Екс“, Илон Маск, е гласен на социјалните мрежи, но тој го избриша својот фејсбук-профил во 2018 година, а потоа ги избриша и профилите на своите компании. 

Џим Кери, актер 

Џим Кери го напушти „Фејсбук“ во февруари 2018, кога и ги продаде своите акции во оваа компанија. Подоцна ја обвини компанијата дека профитирала од руското мешање во американските избори и не направила ништо да го спречи тоа. 

Марк Хамил, актер 

Ѕвездата од „Војна на ѕвездите“ го напушти „Фејсбук“ на почетокот од 2020 година поради правилата за политичко рекламирање. Тој изјавил дека Марк Закерберг повеќе го вреднува профитот отколку вистината откако компанијата изјавила дека нема да им забрани на политичарите да поставуваат на мрежата реклами што содржат лаги.

Вил Ферел, актер

Комедијантот го избриша својот фејсбук-профил по скандалот со „Кембриџ аналитика“. Тој изјавил дека не може да продолжи да ги користи услугите на компанија која дозволува ширење на пропаганда и ја насочува кон оние што се најранливи. 

Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија