X
 10.02.2022 Наука

Создадено рекордно количество енергија со нуклеарна фузија

Научници од експериментот „Заеднички европски торус“ (Joint European Torus – JET) во близина на Оксфорд, Обединетото Кралство, го срушиле рекордот во создавање најголемо количество енергија со спојување атоми. Била создадена енергија двојно поголема од рекордот во 1997 година.

- Овој значаен резултат нè донесе чекор поблиску до освојувањето на еден од најголемите научни и инженерски предизвици - изјавил Ијан Чепмен, директор на Центарот за фузиска енергија во Калам, каде што е сместен експериментот.

Експериментот е во сопственост на Управата за атомска енергија на Обединетото Кралство, но неговите активности ги води европска соработка наречена „ЕУРОфјужн“ (EUROfusion).

Доколку научниците можат успешно да прават нуклеарна фузија, а тоа е процесот со кој функционира Сонцето, со тоа би можело да се произведе речиси неограничено количество чиста енергија. Но досега ниту еден експеримент не произвел повеќе енергија отколку што била искористена.



Резултатите на новиот експеримент не го смениле тоа, но се чекор напред во постигнувањето на оваа цел. Во 2025 година треба да започне со работа реактор за нуклеарна фузија кој треба да ја постигне оваа цел.

Експериментот „Заеднички европски торус“ користи магнетни полиња за да ја ограничи плазмата во уред наречен токамак. Под топлина и притисок, водородните изотопи се спојуваат во хелиум кој ослободува енергија во облик на неутрони.

Во експеримент спроведен на 21 декември, уредот произвел 59 мегаџули енергија во период од 5 секунди, што е двојно повеќе од 21,7 мегаџули кои биле произведени за 4 секунди во 1997 година.

Извор: Nature
Фото: Gov.uk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука