X
 10.03.2021 Живот

Пандемијата ја сруши сликата на Германците за нивната земја

Германија е добро организирана земја - долго време ова беше клише раширено и во самата земја и во странство. Потоа дојде короната и се покажа дека тоа е илузија. Знаци имаше и претходно, пишува новинарот Зоран Арбутина од „Дојче веле“.

- Во текот на моите редовни посети на Хрватска ретко кој ме прашува како живеат луѓето во Германија, какво е секојдневието во мојата нова татковина. Долго време мислев дека тоа е затоа што луѓето имаат доволно свои проблеми таму каде што живеат. Тогаш ми стана јасно дека причината е поинаква: повеќето беа убедени дека и онака доволно знаеја за Германија - уредна и добро организирана земја во која сè функционира одлично. Се верува дека луѓето тука можат да бидат малку ладни, воздржани, но затоа тие се многу дисциплинирани: затоа пешаците таму чекаат на црвено светло на семафор и среде ноќ, иако автомобили никаде не се гледаат - пишува Зоран за „Дојче веле“.

- Се обидов да им објаснам дека не е сè толку добро и дека, на пример, единственото нешто на кое човек може да се потпре кога станува збор за железницата „Дојче Бан“ е хроничното одложување на возовите. Но, ме пречекаа само мавтајќи со раката со забелешки дека претерувам и сè гледам црно.

До неодамна ова клише беше многу распространето и се негуваше во самата Германија. И тогаш дојде короната. Почна носењето  маски. Отпрвин долго се расправаше дали воопшто се потребни или не, а кога станаа задолжителни, се утврди дека ги нема доволно. И тогаш четвртата по големина индустријализирана земја во светот не беше во можност да ја набави потребната количина. Германците сами почнаа да шијат маски.

Кога училиштата беа затворени, сите одеднаш сфатија дека речиси никаде нема услови за спроведување учење на далечина. Летото дојде, ситуацијата малку се смири. По летните одмори изненадување: се утврди дека вирусот сè уште е присутен, но дека условите во училиштата не се подобриле.

Никој не купи прочистувачи на воздухот за училниците, а многу училишта немаат безжичен интернет што функционира добро. Веќе на првиот ден од новата учебна година паднаа платформите за учење на далечина, а учениците од социјално загрозените семејства не добија лаптопи за работа од дома. Токму овие деца се соочуваат со сериозно заостанување во образованието.

Потоа следуваше катастрофа со вакцините и вакцинацијата. Додуша, германската компанија „Бионтек“ ја разви првата ефективна вакцина, делумно со финансиска помош на државата, но не успеа навреме да ги нарача потребните количини. Овој срам кулминира со слабо организирана кампања за вакцинирање: дури и овие релативно мали количини на нарачани вакцини честопати остануваат неискористени, дури и отфрлени. Одеднаш Германците почнаа да гледаат со завист дури и кон Србија.

germanija
Фото: Freepik

На крај, хаосот беше околу брзите тестови. Беа најавени во март. Тогаш најавата беше повлечена. Сега, како термин за тестовите се споменува наредната недела. И дека ќе бидат бесплатни за сите. Но, каде можат да се добијат? Нејасно. Но, може да се купат во продавницата „Алди“ - кој наутро ќе фати ред, бидејќи одма се распродаваат.

Сега е јасно дека низ самозадоволните клишеа за добро организирана земја се провлекува горчината. Кога овие денови разговарам со луѓе во Хрватска, тие сè почесто ме прашуваат: - Што се случува таму во вашата земја?

И самите Германци сè почесто си го поставуваат истото прашање. Оцените во јавноста се движат од „не оди сè добро“, преку „срам за Германија“ и „катастрофа“ до „тотално потфрлање на системот“. Прекрасната слика што ја имаа Германците за својата земја сè повеќе се покажува како илузија.

Сепак, сето ова не е ново. Ова се покажува не само кога станува збор за хроничното доцнење на возовите на германските железници, кое веќе стана вообичаено место за потсмев. Земете ја, на пример, една од омилените фрази од изборните програми на германските партии: дигитализација. Се вели дека ова е клучно за иднината на земјата, дека треба решително да се подобри, да се направи вистински напор - сите се согласуваат со тоа. И тоа со години. До денес, малку работи се поместија.

Кога кинески инвеститор го презеде германскиот производител на роботи „Кука“, една од водечките светски компании во својата област, пред пет години, паничните предупредувања доаѓаа од многу страни: висока технологија се продава на сомнителен конкурент на светскиот пазар! Фактот дека е невозможно да се користи оваа технологија во голем дел од земјата е игнориран. Градењето на 5Г-мрежата, која е потребна за „Смарт Индустри 4.0“, сè уште е на почеток - до денес.

Додека во Хрватска е потребно да се оди длабоко во шумата и прво да се растераат волците и мечките со цел да се стигне до чистинка каде што нема сигнал за мобилен телефон, во Германија е доволно да се патува со воз помеѓу Келн и Минхен. На патот има доволно „дупки“ во кои човек нема сигнал. Таму, дигитална детоксикација е можна и на службено патување.

Многу германски владини служби сè уште комуницираат меѓу себе со факс (помладите читатели можат да гуглаат за да видат за што станува збор). И Бундесверот, важна армија во рамките на НАТО, има тешкотии во комуникацијата. Причината: цела низа различни софтверски програми што се користат таму.

За многу Германци, ова е непријатно отрезнување. Долго време за Германија и Германците беше очигледно дека се меѓу првите во светот - без разлика дали станува збор за производство на автомобили или фудбал.

Но, не треба да се драматизира. Во Германија многу работи сè уште работат подобро отколку во повеќето други земји во светот. Земјата сè уште е во прва лига - единственото што не е баш на врвот, туку некаде околу средината на табелата.

За повторно да се достигне врвот, потребно е да се вложат напори, да се вратиме на старото германско мото: проблемите треба да се решат. Но, пред тоа, земјата мора да се ослободи од лажната слика за себе како светски шампион во организирањето. Неопходно е да се вратиме во реалноста. „Да се ​​биде нормален“ не е никаква пцост. Во странство со тоа веќе е почнато.

Автор: Зоран Арбутина
Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот