X
 10.05.2023 Наука

Поларната светлина ќе се појавува појужно и почесто во следните години

Поларната светлина, или аурора бореалис, најчесто може да се види во најсеверните региони од Земјата, но во последните месеци оваа светлина била забележана појужно од вообичаено. Научниците велат дека станува збор за тренд кој ќе овозможи поголем дел од светот да ужива во овој феномен следните години.

Поларната светлина ќе може да се види појужно од вообичаено поради промена во магнетните полиња на Сонцето, кои се менуваат на секои 11 години. Овој феномен ќе го достигне врвот во 2025 година во фаза позната како соларен максимум.

Ова овозможува видливост на поларната светлина на поголема површина, а веќе може да се забележат промените, изјавил Шенон Шмол, директор на планетариумот „Абрамс“ при Државниот универзитет во Мичиген. Моменталниот сончев циклус за достигнување соларен максимум започнал во 2019 година.

Што претставува поларната светлина?

Аурора бореалис се создава кога сончевите ветрови или наелектризирани честички од Сонцето се судираат со магнетното поле на Земјата. Во процесот, електроните се полнат со енергија и испуштаат светлина. Истовремено, кислородот во атмосферата ја дава зелената или црвената боја, додека азотот ја дава сината боја.

Најдобро време за гледање на аурора бореалис е напролет или наесен.

Извор: New York Times
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука