X
 07.11.2025 Живот

Вклучувањето на жените во мировните договори ги намалува шансите за повторување на конфликтот до 37 отсто

На 31 октомври 2000 година Обединетите нации едногласно ја усвоија својата значајна резолуција 1325 на Советот за безбедност. Резолуцијата за жените, мирот и безбедноста ја потврди „важната улога на жените во спречувањето и решавањето конфликти, мировните преговори, градењето мир, одржувањето на мирот, хуманитарниот одговор и во постконфликтната реконструкција“. Исто така, ја нагласи важноста на нивното еднакво учество и целосна вклученост во сите напори за одржување и промоција на мирот и безбедноста.

Значењето на жените за градењето одржлив мир е неоспорно. Истражување, поддржано од Институтот за мир на Соединетите Американски Држави, покажало дека во просек вклучувањето мерки за учество на жените во постконфликтното општество во мировен договор ја намалува веројатноста за повторување на конфликтот за 11 %. Уште позначајно, ако овој процес се случи заедно со водството на ОН, веројатноста за повторување на конфликтот се намалува за 37 %.

Значи, годишнината од резолуцијата би требало да биде причина за славење. Наместо тоа, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го отвори извештајот за годишната дебата на Советот за безбедност за жените, мирот и безбедноста на 6 октомври со предупредување. Гутереш истакна дека ОН премногу често „не успеваат да постигнат вистински промени во животот на жените и девојките зафатени во конфликт“. Тој посебно го истакна недостигот на вклучување на жените во мировните преговори, неуспехот да се заштитат жените и девојките од сексуално насилство и недоволното финансирање на жените градители на мирот.

Во текот на изминатите 25 години, Советот за безбедност усвои речиси 1.000 резолуции поврзани со овие теми. Во 2015 година Резолуцијата 2242 имаше цел посистематска интеграција на агендата за жените, мирот и безбедноста во „сите специфични ситуации предвидени од Советот за безбедност“. За да се олесни ова, Советот за безбедност на ОН формира неформална група експерти.

Нема сомнение дека агендата за жените, мирот и безбедноста имала позитивно влијание. Гутереш забележува дека родовите одредби во мировните договори станаа почести, а женските организации помогнаа во трансформацијата на постконфликтното закрепнување и помирување во заедниците низ светот“. Тој изјави дека граѓанското општество предводено од жени е двигател на холистичкиот и одржлив мир.

Сепак, според истражувањето на ОН за жените, од почетокот на 2025 година, глобалните намалувања на буџетите за странска помош им отежнуваат на жените да ги дадат овие витални придонеси за мирот и безбедноста.

Ситуацијата е слично предизвикувачка и за мировните мисии на ОН. Кумулативниот буџетски дефицит во средината на 2025 година изнесувал речиси 2,7 милијарди американски долари, при што САД, Кина и Русија се трите најголеми должници. И покрај значителното намалување во текот на изминатата деценија во буџетот за мировни мисии од 8,4 милијарди американски долари во 2014-2015 година на 5,2 милијарди американски долари во 2024-2025 година, уделот на неплатени придонеси се зголемил повеќе од трипати - од 13 % на 41 % во истиот период.


Доколку овие два тренда продолжат, изгледите за одржливо решавање конфликти драматично ќе се намалат.

Жените како градители на мирот

Со цел да се истражи како да се спречи повторување на граѓанските војни, анализирани биле 14 долготрајни мировни процеси во периодични граѓански војни. Оваа анализа покажала дека ОН, во соработка со локалните женски организации, била во можност да создаде и одржи коалиции на повеќе нивоа посветени на склучување, одржување и спроведување мировни договори.

Откриено било дека учеството на жените било во можност да ја зголеми видливоста на потребите и искуствата на претходно маргинализираните групи и да ги адресира во мировните договори. Кога ОН и организациите предводени од жени работат заедно, луѓето кои можеби биле изоставени од мировниот процес можат да бидат вклучени во неговото спроведување, се вели во заклучокот на анализата.

Извор: theconversation.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот