X
 11.02.2020 Живот

Голема бела ајкула е именувана по Коби Брајант

Експертите за ајкули именуваа голема бела ајкула по кошаркарската легенда Коби Брајант, кој бил фасциниран од овие суштества.

Ајкулата долга околу 3,5 метри била забележана во Тихиот Океан во близина на островот Гвадалупе, Мексико, што се смета за збирно место на бели ајкули. Ајкулата е млада возрасна и е нова во областа.

- Живеев во Јужна Калифорнија за време на целата кариера на Коби Брајант во Лејкерси, па можев лично да го почувствувам шокот од неговата ненадејна смрт и покрај фактот што бев илјадници километри подалеку во Патагонија - истакна Мајкл Домајер од Научниот институт за конзервација на поморскиот живот.

Брајант загина минатиот месец во хеликоптерска несреќа заедно со неговата ќерка Џијана и седум други лица.

Институтот има база на податоци со фотографии од ајкулите кои мигрираат во водите околу Гвадалупе секоја година. Истражувачите можат да ги користат фотографиите за да ги идентификуваат ајкулите преку нивните бои, белези и други карактеристики.

Фотографот што прв ги направил фотографиите од целото тело од левата и десната страна на ајкулата може да го избере нејзиното име, но многу од нив се познати само по број.

Оваа ајкула била број 24, што исто така е и еден од броевите што Брајант ги носеше на дресот додека играше за Лос Анџелес лејкерс.

Тоа не е единствената врска меѓу Брајант и ајкулата. Мартин Граф, нуркачот кој ја фотографирал ајкулата број 24, во 2013 година го однел Брајант во кафез со ајкули и му овозможил одблиску да види две големи бели ајкули.

Брајант му кажал на Граф дека се заинтересирал за ајкули уште како дете, кога живеел во Италија.

Дизајнот на некои од патиките на Брајант бил инспириран од ајкули и тој во 2017 година напиша дека ги проучувал големите бели ајкули за да може подобро да се подготви за чување на Ален Ајверсон.

Интересно е што кога Коби отишол да ги види ајкулите, немале доволно големи чевли за него, па морал да си ги носи патиките во кафезот.

Веста за именувањето на ајкулата по легендарниот кошаркар беше соопштена преку социјалните мрежи и наиде на поздрави.


Извор: CNN
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот