Џек Дорси, коосновачот на „Твитер“ и „Скуер“, неодамна ја претстави својата нова апликација за безбедна комуникација наречена „Битчет“, децентрализирана платформа за размена на пораки што работи преку блутут-мрежа.
Апликацијата, која Дорси ја нарекува „викенд-проект“, функционира преку „блутут меш нетворкинг“, што значи дека овозможува комуникација помеѓу корисници чии уреди се во близина, без потреба од интернет. Таа е енкриптирана комуникација и не користи трајни идентификатори како што се е-пошта или телефонски број.
- „Битчет“ овозможува директна размена на пораки со лица во физичка близина, а автоматското пренасочување на пораките ја проширува покриеноста и надвор од дометот на блутут-врската - стои во документот за апликацијата.
Идните верзии на апликацијата, според Дорси, би можеле да поддржуваат и безжичен интернет. Покрај тоа, „Битчет“ е опишана како отпорна на прекини во мрежата и цензура.
Условите за користење истакнуваат дека приватноста е основно човеково право. Апликацијата не собира лични податоци, ниту содржи алатки за следење на корисниците.
Бета-верзијата на „Битчет“, достапна преку платформата „Тестфлајт“, веќе ја користат 10.000 луѓе и засега е затворена. Дорси на „Твитер“ објави дека апликацијата моментално се разгледува за пошироко издание.
Инаку, „Битчет“ не е прва ваква апликација. Претходници ѝ се „Фајрчет“ и „Бриџфај“, слични чет-платформи што користат блутут, а беа широко користени за време на продемократските протести во Хонгконг во 2014 и 2022 година.
Извор:
qz.com
Фото: Freepik