X
 11.08.2021 Образование

Соопштение од МОН во врска со почетокот на учебната година

Министерството за образование и наука излезе со соопштение за почетокот на новата учебна година, нагласувајќи дека интензивно се подготвува во услови на пандемија преку пристап со кој ќе се обезбеди непречено одвивање на наставата, но и заштита на јавното здравје. Од министерството информираа дека системот е подготвен за три сценарија, кои се усвоени на владина седница.

-За непречен почеток на новата учебна година системот за образование е подготвен за три сценарија кои се усвоени на владина седница. Првото, за кое воедно и се залагаме, затоа што е од најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива, е целосно отворање на училиштата и сите ученици да бидат во клупите, согласно сите усвоени протоколи. Второто сценарио предвидува наставата да биде како и во 2020/2021, што се покажа како успешна и ефективна – дел од учениците да посетуваат настава со физичко присуство под посебни протоколи, а дел да реализираат онлајн-настава, и третото сценарио предвидува ротирање на учениците на една недела со физичко присуство во училиштата, за да нема нивно целосно затворање. Кое од трите сценарија ќе се применува ќе зависи од епидемиолошката состојба за што одлука ќе донесе Комисијата за заштита од заразни болести - се наведува во соопштението.

За оваа намена, МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести изработиле План за одржување на наставата во учебната 2021/2022 година и протоколи за постапување на основните и средните училишта и истите пред повеќе од 1 месец биле усвоени од страна на Владата и веднаш доставени до сите училишта, а воедно и јавно објавени на www.mon.gov.mk, додаваат од министерството. 

Од МОН истакнуваат и дека заедно со локалните самоуправи и директорите на училиштата се во интензивна комуникација и се подготвуваат за сите три сценарија и за успешен почеток на новата учебна година на 1 септември.

Дополнително од МОН информираа дека досега, од вкупно 31.447 лица вработени во училиштата, вакцинирани се околу 60% и апелираа наставниот и останатиот кадар во училиштата да се вакцинира со цел да го заштитат сопственото, а со тоа и здравјето на најблиските.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование