X
 11.11.2019 Образование

Соодветни систематски прегледи и селекција при упис во средните стручни школи бараат компаниите

Најитно, до крајот на годинава, да се донесат измените на Законот за стручно образование или да се изготви и усвои сосема нов закон, апелира Стопанската комора на Македонија и најавува дека ваквата иницијатива ќе ја достави до Владата уште денеска.

Комората, на предлог на компаниите, во законските измени или во новиот закон бара воведување селекција на децата при уписот во средните стручни школи според афинитетот, способноста и капацитетот, како и воведување соодветни, систематски здравствени прегледи од областа на медицината на трудот пред запишувањето во средните стручни училишта.

Анализите на Стопанската комора покажуваат дека постои неусогласеност меѓу она што се бара и она што се нуди на пазарот на труд како кадар, а тоа ја нарушува конкурентноста на економијата.

- На монтерите во нашата компанија, пред да се вработат, им се проверува рамнотежа, способност за распознавање бои... сè што е специфично за оваа струка, но тоа не е случај и во стручните школи од каде што земаме ученици за пракса. Исто така, не постои никаква селекција при запишување во средното стручно образование, нема никаква можност да се изберат ученици кои навистина имаат способности или афинитети за соодветен профил: електроинсталатер, електричар или монтер - истакна Маја Симоновска од ЕВН.

ЕВН веќе три години работи на проектот 20:20:20 според кој, ученици и во текот на учебната година и за време на летото доаѓаат на пракса.

- Се покажа дека ни е значајно во основното образование да има кариерно советување, но и пред запишување во средно школо учениците да одат на систематски прегледи кои ќе бидат направени од тим психолози и лекари, специјалисти по медицина на труд за да се изберат оние што ќе имаат и вештини, но и способности, како и наклонетост кон професијата со цел по завршувањето да бидат работоспособни и да се вклучат во процесот на работа - подвлече Симоновска.

Според нејзината колешка Силвана Космач, еден од предизвиците со кои се соочила компанијата во текот на овие три години откако е воведено дуалното образование е токму програмата за систематски преглед која согласно постојната законска регулатива се спроведува двапати, во прва и четврта година, а опфаќа основни прегледи.

- Со оглед на спецификата на работното место за кое ги обучуваме учениците, потребни се прегледи кои ги опфаќа и медицината на трудот. Ова е во интерес на здравјето и животот на учениците зашто професијата електричар е опасна и за здравјето и за животот. Затоа, децата мора да се работоспособни за да се вклучат во работниот процес по завршувањето на образованието - потенцира Космач.

Наташа Јаневска од Стопанската комора се надоврза со став дека ако сакаме да имаме квалитетно, функционално дуално образование, законските пречки мора да се отстранат. Не треба да застанеме само на добрите практики и со реформите не смее да се експериментира.

- Имам проблем со недостиг на стручни кадри, но и со недостиг на работна сила воопшто. Недостигот на стручен кадар се одразува врз продуктивноста на компаниите, нивните планови за иден развој, што крајно се рефлектира на целокупната економија. Последната анализа на Комората покажува дека 63 отсто од компаниите се соочуваат со недостиг на стручен кадар, а 62 процента во предвидувањата што ги прават планираат да ги зголемат вработувањата во следните 12 месеци. Инаку, иако недостига кадар, а на пазарот се нуди работна сила, нема поврзаност меѓу вештините што се нудат и она што се бара од реалниот сектор. Ваквата неусогласеност ја нарушува конкурентноста на економијата - рече Јаневска.

Таа информира и дека Комората бара во најкус можен рок да се формираат работните групи за законските измени или за евентуалното ново законско решение и во нив да има претставници на Комората кои би дале придонес од аспект на бизнис-заедницата.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование