X
 12.02.2025 Живот

Историски митови во кои сите веруваат, но не се вистина

Историјата е полна со интересни факти, но и со митови кои со текот на времето станале широко прифатени како вистина. Од викинзите со шлемови со рогови до митот за дрвените заби на Џорџ Вашингтон, ви нудиме неколку историски заблуди во кои лесно е да се поверува.

1. Џорџ Вашингтон немал дрвени заби


Долго време се верувало дека првиот претседател на САД носел дрвени протези, но ова е целосна измислица. Иако имал проблеми со забите и почнал да ги губи уште како млад, неговите протези биле направени од злато, слонова коска, па дури и олово, но не од дрво.

2. Јулиј Цезар не бил роден со царски рез

Многумина веруваат дека римскиот владетел Јулиј Цезар го добил своето име затоа што бил роден со царски рез. Но, терминот „царски рез“ (лат. sectio caesarea) всушност потекнува од римскиот закон Lex Caesarea, кој дозволувал бебињата да се извадат од утробата на мајката доколку таа почине за време на породувањето.

3. Викинзите не носеле шлемови со рогови

Иако на филмовите и илустрациите често ги гледаме викинзите со рогови на шлемовите, археолошките докази покажуваат дека тие најчесто носеле едноставни кожени капи или воопшто немале шлемови. Овој мит потекнува од уметнички дела од 19 век и од германските оперски костими.

4. Клеопатра не била Египќанка

Легендарната владетелка на Египет, Клеопатра, ѝ припаѓала на династијата на Птоломеите, која ја основал генерал на Александар Македонски. Родена во Александрија во 69 година пр.н.е., таа владеела 20 години, до својата смрт.

5. Не сите гладијатори биле робови

Иако филмовите како „Гладијатор“ или „Спартак“ ги прикажуваат гладијаторите како робови осудени на борба до смрт, вистината е дека некои доброволно станувале гладијатори во потрага по слава и богатство. Покрај тоа, повеќето борби не завршувале со смрт – намерата била да се победи противникот, а не да се убие.

6. Јаболкото не ја открило гравитацијата

Митот вели дека Исак Њутн ја открил гравитацијата откако јаболко му паднало на глава. Всушност, Њутн веќе размислувал за оваа теорија, а гледањето на паѓањето на јаболко било само потврда на неговите идеи – а не моментално „просветление“.

7. Марко Поло не ги донел тестенините во Италија


Честопати се вели дека познатиот истражувач Марко Поло ги донел тестенините од Кина во Италија. Но, вистината е дека тестенините биле познати на италијанскиот полуостров уште во 9 век, кога Арапите ги донеле на Сицилија – речиси 400 години пред раѓањето на Марко Поло.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот