X
 21.10.2025 Живот

Ова се најпознатите грабежи на музеи во историјата

Крадци украле девет парчиња вреден накит од колекцијата на Наполеон од „Лувр“, но ова не е прва успешна кражба во најпосетуваниот музеј во светот. Ниту е прв успешен грабеж на толку вредни предмети од еден од светските музеи.

Кражбата се случила додека туристите биле во галеријата Аполо, каде што се изложени дел од француските скапоцености. 

Ова доаѓа во време кога персоналот предупредува дека пренатрупаноста и недостигот на персонал сериозно ја оптоваруваат безбедноста на најпознатиот музеј во Франција.

„Лувр“ има долга историја на кражби и обиди за грабежи. Всушност, еден од најпознатите грабежи во музејот во историјата се случил пред повеќе од сто години.

„Мона Лиза“ од Леонардо да Винчи - „Лувр“, 1911 година

„Мона Лиза“ од Леонардо е несомнено едно од најпознатите уметнички дела во светот и денес е главна атракција на „Лувр“. Но, пред кражбата била непозната за пошироката јавност надвор од уметничките кругови. Во 1911 година Винченцо Перуџа, вработен во музејот, се скрил во музејот и ја изнел сликата криејќи ја под палтото.

Откако „Лувр“ ја објавил кражбата, весниците низ светот пишувале за исчезнатото ремек-дело. Сликата била пронајдена две години подоцна во Фиренца, откако Перуџа се обидел да ја продаде. Овој настан ја направил „Мона Лиза“ најпознатото уметничко дело во светот.

„Јакоб де Гејн III“ од Рембрант - Уметничка галерија „Далвич“, 1966, 1973, 1981 и 1983 година

Во еден од најнеобичните случаи на кражба на уметнички дела, портретот „Јаков де Гејн III“ од Рембрант станало најчесто краденото големо дело во модерната историја, според Гинисовата книга на рекорди.

Прво уметничката слика била украдена од галеријата „Далвич“ во Лондон во 1966 година, заедно со уште две дела, а потоа повторно во 1973, 1981 и 1983 година. Портретот е пронајден по секоја кражба и сега е изложен во музејот.

Најкраденото уметничко дело на сите времиња е „Гентскиот олтар“ (Обожавање на мистичното јагне) од Јан ван Ејк. Делото е украдено седум пати, ограбено од војниците на Наполеон во 1794 година, а подоцна и од нацистите за време на Втората светска војна.

Кражба од Музејот „Изабела Стјуарт Гарднер“ - Бостон, 1990 година

Се смета за најголема кражба на уметнички дела во историјата на САД, а 35 години подоцна кражбата на 13 дела од Музејот „Изабела Стјуарт Гарднер“ во Бостон останува нерешена.

Во раните утрински часови, на 18 март 1990 година, двајца мажи преправени како полицајци од Бостон влегле во музејот тврдејќи дека одговараат на повик. Тие совладале двајца обезбедувачи, ги врзале со селотејп и поминале повеќе од еден час крадејќи 13 уметнички дела, вклучувајќи ги и ремек-делата на Рембрант, Вермер, Дега и Мане.

„Концертот на Вермер“, едно од највредните украдени дела, се проценува дека во тоа време вредел до половина милијарда долари. Некои од делата, вклучувајќи ја и „Бура на Галилејското Море“ од Рембрант, биле исечени од нивните рамки. Тие рамки сè уште висат празни во музејот денес.


Кражби во Музејот „Ван Гог“ - Амстердам, 1991 и 2002 година

Две слики биле украдени во 2002 година кога крадците користеле скали и чекани за да провалат во Музејот „Ван Гог“ во Амстердам. Сликите подоцна биле пронајдени од италијанските истражители, откако биле скриени од неаполската мафија. По 14 години, во 2016 година, тие биле вратени во музејот.

Музејот „Ван Гог“ бил ограбен и во 1991 година, кога биле украдени 20 слики во вредност од над 400 милиони евра, вклучувајќи ја и познатата „Јадачи на компири“.

Сликите биле пронајдени во напуштен автомобил недалеку од музејот набрзо потоа.

Накит од 18 век, Зелен трезор - Дрезден, 2019 година

Крадци провалиле во Зелениот трезор во Дрезден, еден од најстарите музеи во светот, кршејќи ги витрините и побегнале со кралски накит украсен со дијаманти, вреден стотици милиони евра. Службениците изјавиле дека крадците побегнале со три бесценети комплети накит од 18 век, што би било невозможно да се продадат на отворен пазар.

Дел од пленот подоцна бил пронајден. Петмина од мажите биле осудени, додека шестиот бил ослободен.

Извор: n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот