X
 12.05.2020 Култура

Проф. д-р Људмил Спасов: Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик!

Изданието на Бугарската академија на науките е најобичен памфлет со што се прави обид за попречување на афирмацијата на македонскиот јазик во меѓународни рамки, пишува во реакцијата на Советот за македонски јазик

„Македонците секогаш зборувале и ќе зборуваат на македонски јазик!“, е реакцијата на
Советот за македонски јазик предводен од претседателот проф. д-р Људмил Спасов. Реакцијата е по повод книжното и електронското издание од Бугарската академија на науките, минатата недела, објавено под наслов „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“. Делото е потпишано од 12 автори и шест надворешни консултанти, под раководство на проф. д-р Васил Николов, заменик-претседател на БАН.

- Овој материјал е најобичен памфлет со што се прави обид за попречување на афирмацијата на македонскиот јазик во меѓународни рамки, особено во НАТО и во ЕУ. За жал, овој материјал покажува едно неевропско однесување во 21 век, време кога народите во ЕУ и надвор од неа се сплотуваат и се трудат да ги релаксираат сите белези од минатото што можат да предизвикаат непријатни чувства – вели Спасов.

Советот ја повика демократската бугарска јавност да го отфрли овој памфлет од низок стил.

- Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација. Неочекувано и неприфатливо е ваква реакција да дојде од страна на една академско-научна институција од држава-членка на Европската Унија. Познато е дека се одржани многу конференции посветени на македонскиот јазик, литература, историја и култура, на кои присуствувале еминентни професори и научници од целиот свет, чии истражувања не соодветствуваат на ставовите на Бугарската академија на науките - вели Спасов.

Придружувајќи се целосно кон реакциите на научната и на културната македонска јавност, особено кон реакцијата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот најави збирка на текстови, во книжно и во електронско издание, за подобро запознавање на нашата и на странската јавност со стојалиштата на македонските научници и на другите мислители од областа на македонската култура.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура